јуни 28, 2020

Скопје/Охрид, 28. јуни 2020 (ОХРИДПРЕС) – Годинава очекуваме странските гости да бидат претежно од регионот, а овој викенд се очекува во Охрид да пристигнат туристи од Албанија.

– Потврден е и првиот чартер лет од странскиот туроператор ТУИ Холандија на 14-ти јули. Овој туроператор со чартер летови ќе носи холандски туристи два пати неделно во текот на летото завршно со септември. Од првата половина на јули ќе започне да се реализира и новата авионска линија Варшава-Охрид. Така што веќе кон крајот на јули имаме најава на два полски туроператори, кои со чартер летови ќе ја сервисираат линијата од Полска за Охрид, изјави директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот (АППТ) Љупчо Јаневски.

Во интервју за Вечер, Јаневски вели дека очекува оваа година да има зголемен број на домашни туристи и туристи од регионот. Ова го базира на статистичките податоци, според кои 49 отсто од вкупниот број на туристи кои нè посетиле во 2019 година биле од регионот, а 32 отсто од вкупниот број туристи биле домашни туристи кој оствариле 1,6 милиони ноќевања.

– Доколку се подобри состојбата со коронавирусот очекувам во 2020 година во Македонија да се остварат повеќе од 2 милиони ноќевања. Така што секое ново ноќевање од над два милиони ќе претставува спас за туризмот во нашата држава. Оваа 2020 година поради пандемијата туристичката сезона ќе биде многу лоша не само во Македонија, туку во целиот свет. Затоа апелирам до сите жители на нашата држава дека не треба да летуваат во Македонија затоа што мораат, туку затоа што сакаат, вели Јаневски.

Комплетната информација ОВДЕ. (Крај)

извор: Вечер фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука