јуни 25, 2020

Скопје, 25. јуни 2020 (ОХРИДПРЕС) – Врз основа на препораките на Комисијата за заразни болести, Владата на Република Македонија донесе одлука од петок, 26-ти јуни 2020 година, целосно да бидат отворени сите гранични премини за непречено движење на патници и возила без приложување на ПЦР тестови, и без упатување до домашна изолација или спроведување во задолжителен државен карантин, информираат од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот (АППТ).

Владата донесе одлука од 1 јули, среда, да бидат отворени за сообраќај Меѓународниот аеродром Скопје и на Аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид.

– Согласно овие одлуки Владата денеска донесе одлука да биде укината забраната за организиран превоз, која исто така стартува од 26-ти јуни. На денешната седница Владата донесе одлука, исто така од петок, 26-ти јуни, угостителските објекти да можат да работат и во внатрешноста на објектите преку соодветен протокол за работа. За сите овие одлуки до петок, 26-ти јуни 2020 година, кога започнува нивната важност, ќе бидат подготвени протоколи кои ќе бидат задолжителни за сите економски оператори и институции во чија надлежност се овие одлуки. Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот на Република Македонија е во секојдневна комуникација со странските тур оператори, чии најави за првите чартер летови се за средината на месец јули. Дополнително, Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот – АППТ во соработка со Програма за зголемување на пазарната вработливост – ИМЕ, поддржана од Швајцарската агенција за развој и соработка – SDC, се во финална фаза на подготовка на кампања за промоција на домашниот туризам во Република Македонија под насловот „Дома си е дома“ на која се приклучи и Амбасадата на Франција во Република Македонија, информираат од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука