март 3, 2021

Скопје, 3. март 2021 (ОХРИДПРЕС) – Дополнителна поддршка за македонските тур-оператори кои во својата програма за 2021 година ќе ги стават домашните туристички центри, предлага Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот (АППТ).

Директорот на Агенцијата, Љупчо Јаневски информира дека ваквиот предлог е веќе доставен до Кабинетот на вицепремиерот, Фатмир Битиќи.

Јаневски најавува и нова кампања од 15 март која ќе се фокусира на регионалните гости. Од почетокот на јуни, пак, оценува, се очекува да дојдат и туристи од традиционалните пазари – Холандија, Турција, Полска.

– Целта на нашиот предлог е да се поддржат тур-операторите кои ќе продаваат аранжамни на домашните туристи во домашните туристички центри. Со оглед дека пандемијата не стивнува, ниту се знае до кога ќе трае, почнуваме промотивна кампања од 15 март која ќе се фокусира на регионалните гости. Притоа ќе се искористат веќе воспоставените т.н. зелени зони на патување, нагласува Јаневски.

Очекувањата за оваа година, согласно искуствата од претходната, додава, се заеднички со туристичкиот сектор да се надмине бројката од два милиона ноќевања и да се приближиме до девизен прилив од 300 милиони долари.

Ќе се искористат и искуствата за дестинациите како Берово и Маврово кои преку руралниот и еко-туризмот не забележаа никаков пад.

Според Јаневски, лани туризмот влеа 252 милиона долари во македонската економија со што се остварија стратегиските цели на АППТ.

– Се потврдија нашите предвидувања дека домашниот туризам во 2020 година ќе влее повеќе од 200 милион долари. Во март 2020 година кажавме дека ќе бидеме многу среќни ако на минусот во приливот од туризмот напред стои тројка. Падот на девизниот прилив во однос на 2019 година беше 36 проценти. Тоа покажува дека имаа ефект мерките што ги преземаа Владата, Координативното тело и целиот туристички сектор за ублажување на последиците од пандемијата, вели Јаневски. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука