јули 12, 2020

Охрид, 12. јули 2020 (ОХРИДПРЕС) – Во црквата „Света Софија“ во Охрид, денес се одржа катедрален храм на охридските архиепископи, на кој архимандритот Партениј беше хиротонисан за нов епископ на Македонската православна црква-Охридска архиепископија (МПЦ-ОА).

Отец Партениј беше предложен за нов владика од страна на неговиот надлежен архиереј, митрополитот Дебарско-кичевски Тимотеј, а едногласно потврден од сите членови на Синодот на МПЦ-ОА. Отец Партениј ќе биде викарен епископ на Дебарско-кичевската епархија, со титула „Епископ Антаниски” (според македонскиот античкиот град Антанија, кој бил епископско седиште), но истовремено ќе ја задржи и својата должност како игумен на Бигорскиот Манастир, каде што ќе биде и неговото постојано седиште.

Архимандритот Партениј хиротонисан за нов епископ на МПЦ-ОА

До верниците се обрати Поглаварот на МПЦ-ОА, Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, кој потсети дека епископите во црковната традиција се наречени приемници на апостолите и продолжители на нивното дело, со што се истакнува важноста на службата и високата мисија на оние удостоените на тој чин.

– Со денешниот чин преку Светиот дух врз тебе се изли љубовта божја и тој дар ќе ти помага со љубов да им служиш на љуѓето и да ги исполнуваш задолженијата, рече г.г. Стефан.

Image may contain: house, tree, sky and outdoor

Во своето обраќање до верниците, тој потсети и на дел од предизвиците со кои деновиве се соочува македонскиот народ.

– За жал, како народ, држава и Црква се’ уште сме пред портите на правдата и за црковната и националната македонска вистина. Но, силно веруваме дека ќе истраеме и дека ближи денот кога и последните неверни Томи ќе ја разберат и прифатат сета наша македонска вистина. Во таа борба повикани сме сите да учествуваме, и ијерархијата и монаштвото и свештенството и верниот народ и сите кои оваа земја Македонија ја чувствуваат за своја татковина, а црвката Македонска и Охридска за своја духовна мајка. Преосветен владико, внимавај и чувај ја довербата што ти се дава, сите твои постапки и дела нека бидат за доброто на нашиот народ и Црква, та во се да се прослави Бог преку Исуса Христа чија слава и владеење се вечни, истакна меѓу другото поглаварот Стефан.

Image may contain: one or more people, people standing and indoor

Бигорскиот Старец и игумен, Архимандрит Партениј (Фидановски) е роден на 29-ти октомври 1970 година во Битола, во македонско православно семејство, коешто ги негувало традиционалните христијански вредности, како и родољубивиот и слободољубив дух.

Уште од најрано детство задоен со силна љубов кон Бога, го започнува својот духовен пат, најнапред во средното богословско училиште „Свети Климент Охридски“ во Драчево, Скопје. Потоа, воден од жедта за поголеми духовни знаења, го завршува и истоимениот Православен богословски факултет во Скопје, со дипломска тема посветена на Свети Јован Претеча и Крстител. (Крај)

извор: ОхридПрес/МИА фото: ОхридПрес/ФБ Бигорски Манастир Св. Јован Крстител

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука