мај 5, 2020

Скопје, 5. мај 2020 (ОХРИДПРЕС) – За стратегија за годишните одмори и патувања во време на пандемијата во летните месеци ќе се зборува откако ќе има координација со соседните земји, истакна на последната прес конференција министерот за здравство д-р Венко Филипче.

– Има сè уште многу отворени прашања. Како што ме информираше грчкиот колега, тие планираат отворање на границите во јуни. Сè уште ништо во мај. Но мислам дека многу ќе постигнеме со овој заеднички состанок и координација поради тоа што може да донесеме некакви мерки коишто ќе ги почитуваат сите граѓани, од сите околни земји, ако патуваат било каде. Сметам дека само тоа може да биде една успешна приказна. Зашто непочитување на мерките, не само кај нас, туку и во која било друга земја, е загрозување на јавното здравје – дома или таму во странство, истакна Филипче.

За денеска е закажан состанок на Светската здравствена организација за нашиот регион, а и на самит на ЕУ во среда, исто така, на агендата е дискусија за т.н. излезна стратегија од COVID-19.

Министерот Филипче посочи и дека според историски податоци за сите други респираторни вируси кои се појавувале, експертите и за овој респираторен вирус очекуваат дека во летните месеци ќе се префрли во Јужната хемисфера. Повторно постои ризик, за кој не може да се предвиди со колкав интензитет, рече тој, да се врати наесен на Северната хемисфера.

Во текот на изминатите 24 часа се регистрирани 47 оздравени пациенти и тоа во Скопје 9, Куманово 9, Прилеп 8, Тетово 13, Охрид 1, Гостивар 5 и во Кочани и Крива Паланка по еден оздравен пациент. На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби вкупно се хоспитализирани 41 пациент, во ГОБ „8 септември“ – 24 пациенти, во болницата во Битола се лекуваат четворица пациенти, во болницата во Штип, исто така – четворица, додека на инфективните одделенија во болниците во Прилеп, Велес, Куманово, Гостивар и Тетово се хоспитализирани 46 пациенти. (Крај)

извор: МИА фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука