април 5, 2021

Охрид, 5. април 2021 (ОХРИДПРЕС) – Французинот Марк Морел, кој е голем вљубеник во Охрид и Република Македонија, сними филм за убавините на нашата држава наречен „Македонија под птицата“.

– Со задоволство ве известувам дека штотуку го објавив мојот филм „Македонија под птицата“. Филмот е направен главно со снимки со беспилотни летала во текот на летото и есента 2020 година. Претставува различни региони и места на Македонија, вклучувајќи ги градот и Охридското Езеро, Свети Наум, Преспанското Езеро, селото Галичник, Скопје, Скопска Црна Гора, Раштак, Кокино, Куклица, манастир Свети Осоговски, Дојранско Езеро. Филмот е во продукција на BALWOIS Konsulting, вели Марк.

Инаку, тој е по потекло од Алжир, а по професија е метеоролог. Заедно со својата сопруга Оливија и неговата сестра Доминик одлучиле пензионерските денови преку лето да ги поминуваат во Охрид, поточно во Авто кампот „Градиште“, а на посета им доаѓаат и нивните деца.

Уште при првата посета на Охрид во 2002 година, Марк се вљубил во градот и езерото. Но, покрај воодушевување, љубовта ја покажува и на друг начин, преку грижа за езерото, околината, животната средина, давајќи ни одличен пример и лекција. Секојдневно се грижи за околината, а со свои пријатели реализира и акции за чистење на езерото од секаков вид отпад. Покрај екологијата, вљубен е во пешачењето и планинарењето.

Супер радио и OhridPress во септември 2019 година снимија интервју со него во кое тој открива детали за љубовта кон Охрид, езерото, планините, локалното население, но дава и насоки како треба да водиме повеќе грижа за животната средина.

Комплетното интервју ОВДЕ. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес видео: Марк Морел

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука