октомври 1, 2020

Охрид, 1. октомври 2020 (ОХРИДПРЕС) – Во услови на пандемија на COVID-19, денеска стартува новата учебна 2020/2021 година за учениците во основните и средните училишта во Република Македонија.

Настава со физичко присуство ќе следат учениците од прво до трето одделение, но и во повисоките одделенија во околу 600 основни и средни училишта кои поднеле барања за ваков тип на настава и добија одобрение од надлежните. Сите преостанати ученици, наставата ќе ја следат исклучиво онлајн.

Согласно вториот извештај на Комисијата за заразни болести, на подрачното училиште на ОУ „Св. Климент Охридски“ во населбата Далјан му е дадена согласност за реализирање на настава со физичко присуство.

Чистење кај училиштето св. Климент Охридски во нас. Далјан – J.P Ohridski Komunalec

Претходно, дозвола за настава со физичко присуство добија подрачните училишта на ОУ „Ванчо Николески“ во селата Косел и Куратица, како и на централниот објект на ОУ „Наум Охридски“ во село Пештани и подрачните училишта во Елшани, Коњско и Трпејца. Делумна согласност пак доби ОМУ „Методи Патчев“.

Во исто време, Комисијата ги одби барањата за организација на настава со физичко присуство на четирите средношколски центри во Охрид: гимназијата „Св. Климент Охридски“, СОСУ „Св. Кирил и Методиј“, ОУТУ „Ванчо Питошески“ и ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“.

ОУТУ „Ванчо Питошески“ ќе ги отвори вратите за 306 полуматуранти

На последната седница Владата го одобри продолжениот престој за учениците во основните училишта, за одделенијата кои ќе започнат настава со физичко присуство, а условот е учениците да се од иста паралелка и од исто одделение, без мешање на различни паралелки и одделенија.

Прифатена е и препораката на Комисијата за заразни болести да отпочнат со работа дневните центри за лица со попреченост и игротеките, со строго почитување на мерките и усвоениот протоколот за работа. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука