Кампањата започна, Курти ни кажа кога ќе се изборите, короната си стои

Охрид, 26. мај 2020 (ОХРИДПРЕС) – Едните делат флаери и шетаат по дуќани и пазари, другите секојдневно бомбардираат со соопштенија и водат кампања за да ја запознаеме Македонија, да летуваме тука на планина или езеро.

Се користи секоја можност да се иструга или исфарба некое Сонце од Вергина, се честитаат празници, се положува свежо цвеќе, се прават литии и молитви, (не) се уриваат дивоградби, заболените и починатите од COVID-19 полека стануваат само бројки и статистика, се објавуваат „брзај, брзај прваче“ колумни во нивните портали (ова нивни, се мисли како навистина нивни) каде го соопштуваат мислењето и нивните никогаш слушнати ставови, во исто време додека дежурните ботови објавуваат подготвени коментари на другите медиуми…

Ова е тажната слика во Охрид, но и целата држава, во пресрет на новата распределба на пари, фотелји и моќ кај нас. Некои тоа го нарекуваат и избори.

Македонија е веќе длабоко навлезена во изборната кампања (ако некогаш и излегла од неа).

И повторно лидерски средби на кои има се’ само како да нема лидери. Затоа што ако имаше лидери, ќе се договореа брзо, особено во вакви времиња, и немаше да уживаме во елоквенцијата на некои ликови кои стигнаа до своите „медиумски 5 минути“ (камо да беа само 5), туку ќе добиевме едно соопштение што се договориле или не се договориле (и поради што) и толку. А, и да не знае човек што толку се мачат, нели Курти ни кажа кога ќе биле изборите, Рама веќе кажа да ги подготвиме костимите за капење, Борисов ни го отпеа словото веќе одамна, Вучиќ ни го прати Вулин (види за него ОВДЕ кај Кесиќ), а и Грците не се замараат повеќе со нас. За се’ што ни е нејасно, ќе си побараме во договорот, на страна…

А за сигурноста на изборите, воопшто да не се секирате. Ако имаат начин да ја држат короната под контрола секој ден до 19:00 часот (за викенди и малце поЧе), сигурно ќе можат да ја држат под контрола 24 часа, таму во јули некаде (according 2 Kurti). Само да се договорат и ќе ја снема, исто како што по потреба те ја има, те ја нема во Србија. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

scroll to top