април 5, 2020

Вашингтон, 5. април 2020 (ОХРИДПРЕС) – Поранешниот американски државен секретар Хенри Кисинџер предупреди дека Коронавирусот може да предизвика пропаѓање на светската економија, чие закрепнување би можело да трае со генерации, ако не се преземат соодветни мерки.

Кисинџер, кој беше најблизок соработник на двајца американски претседатели, Никсон и Форд, преку текстот објавен во Wall Street Journal го изнесува неговиот остар став за тоа дека „неуспехот би можел да го доведе светот на работ на пропаст.“

96-годишниот политичар вели дека американската влада мора да работи многу поефикасно за да ја победи опасната болест, не само за да ја врати довербата кај Американците, туку и кај целиот свет.

– Кога ќе заврши пандемијата на Коронавирус, ќе се заклучи дека институциите во многу земји доживеале неуспех. Неважно е дали таа оценка ќе биде објективна или не. Реалноста е дека светот нема никогаш да биде ист по Коронавирусот, пишува Кисинџер и додава дека САД мора брзо да работат на пронаоѓање на лек за болеста, да се заложат за обновување на светската економија и да се направат напори да се заштити „либералниот светски поредок“.

САД не можат сами да го победат вирусот, потребна е помош и од остатокот од светот, вели Кисинџер.

Тој потсетува на големата финансиска криза од 2008 година и истакнува дека моменталната состојба е многу покомплексна, затоа што вирусот влијае на глобално ниво, затворени се училиштата, рестораните и најголемиот дел од бизнисите, а се практицира и социјална дистанца.

Според него неопходно е да се развијат посебни програми кои ќе ја санираат штетата предизвикана од Коронавирусот.

– Мора да се инсистира на сигурноста, редот, економската благосостојба и правдата. Пандемијата не затвори во своите ѕидови. Светските демократии мора да се бранат и да ги одржат своите просветителски вредности. Глобалното нарушување на оваа равнотежа може да предизвика распаѓање на општествените системи на меѓународно ниво, потенцира искусниот политичар. (Крај)

извор: index.hr фото: index.hr

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука