септември 15, 2020

Скопје, 15. септември 2020 (ОХРИДПРЕС) – Околу 20 проценти од сите основни и средни училишта во Република Македонија испратиле барање за одржување физичка настава од 1 октомври, но прашање е колку ќе ги исполнат условите на Комисијата.

Од вкупно 494 основни и средни училишта во земјата, 113 побарале од владината Комисија да им дозволи одржување физичка настава од 1 октомври, за кога е закажан почетокот на новата учебна година. Евалуацијата на училиштата е во тек, а конечната одлука ќе ја донесе владата на седница в четврток. Од пријавените училишта, 79 се основни и 34 се средни.

Согласно протоколите кои ги утврдија надлежните, за секое училиште се оценуваат три фактори: вкупната бројка на ученици, просторните капацитети и епидемиолошката состојба во општината во која се наоѓа училиштето. Сите три критериуми мора да бидат задоволени за Комисијата која ја носи одлуката да даде позитивно мислење. Тоа значи дека дури и некое училиште да работи со мал број ученици и да ги исполнува просторните услови, епидемиолошката состојба со коронавирусот во општината може да значи отфрлање на барањето, јави DW.

Според актуелната состојба, голема е извесноста дека висок процент на пријавените училишта ќе бидат одбиени, односно ќе мора да ја започна учебната година со онлајн настава.

Од Министерството за образование велат дека засега е сигурно дека само учениците од 1 до 3 одделение ќе започнат со настава, а останатите ќе имаат настава од дистанца, и во тој правец течат и подготовките.

-Со физичко присуство ќе стартуваат учениците од прво до трето одделение согласно протоколите и планот, а на предлог на владината комисија, Владата ќе одлучи на кои основни и среднни училишта ќе им дозволи да спроведуваат настава со физичко присуство. Сите останати кои не ги исполнуваат условите пропишани во протоколите наставата ќе ја спроведуваат преку онлајн платформа, велат од Министерството за образование.

Оттаму оставаат простор дека се работи за „динамичен процес“, па оттука и одлуките можат да се менуваат „во зависност од епидемиолошката состојба” и одлуките на Комисијата за заразни болести.

До крајот на неделава треба да биде промовирана и платформата за онлајн настава. Министерството за образование во изминатиот период обучило 30 наставници, а секој од нив потоа обучил 40 свои колеги. Овие 1,200 наставници потоа треба стекнатото искуство да го пренесат во своите училишта. (Крај)

извор: DW фото: DW

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука