октомври 14, 2020

Скопје, 14. октомври 2020 (ОХРИДПРЕС) – Министерството за образование и наука информира дека од почетокот на учебната година до денес бројот на ученици кои следат настава од далечина е зголемен за 17%, односно околу 87% од учениците успешно ја следат онлајн наставата.

Благодарение на воспоставениот начин на учење од далечина, наставата успешно се спроведува во време на пандемија. За останатиот дел кои немаат уреди, или интернет конекција часовите се емитуваат на телевизија преку Националната радио-телевизија, а наставниците имаат обврска да им доставуваат печатени материјали и да бидат во постојана комуникација со учениците за да го следат нивниот напредок во совладувањето на наставниот материјал. Министерството за образование и наука е во постојана комуникација со директорите на училиштата и локалните самоуправи и тековно се работи на обезбедување услови за непречено функционирање на онлајн наставата.

МОН апелира до наставниците и учениците коишто се со физичко присуство, доследно да ги почитуваат мерките за заштита од COVID-19 и одговорно да се однесуваат и надвор од работните места и од училиштата со што ќе го спречат ширењето на болеста. Од целокупното одговорно однесување ќе зависи и продолжувањето на наставата со физичко присуство во училиштата. Протоколите за заштита од заразата докажано функционираат, ако сите се придржуваме на пропишаните мерки за заштита. (Крај)

извор: МОН фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука