октомври 27, 2020

Скопје, 27. октомври 2020 (ОХРИДПРЕС) – Министерството за образование и наука (МОН) информира дека помалку од еден процент од учениците и кадарот во основните и средните училишта се заразени со COVID-19.

-Согласно овие податоци, може да се заклучи дека протоколите се ефикасни во намалување на ризиците за ширење на вирусот. Наставата продолжува да се одвива непречено, следејќи ја веќе утврдената динамика и организација. Според извештаите кои училиштата секојдневно ги доставуваат до МОН, од вкупниот број 259.235 ученици на ниво на држава процентот на заразени изнесува само 0,06%, а од вкупниот број 27.955 наставници и друг кадар овој процент изнесува 0,58%, што е далеку под еден процент. Во рамки на наставата со физичко присуство, регистрирани се вкупно 40 ученици позитивни на корона вирусот и 52 вработени од наставниот кадар во средните и основните училишта. Во сите овие случаи се реагира навремено според препораките на Центрите за јавно здравје, со што се спречува трансмисија на вирусот.
Во сите останати случаи станува збор за учесници на онлајн настава, при што ниту децата, ниту наставниците имале контакти со останатите од училиштата. Исто така, учениците и наставниците кои одат во изолација поради близок контакт со заразаено лице, или затоа што се позитивни на COVID-19 наставата ја продолжуваат онлајн, со што се обезбедува континуитет во образовниот процес. Министерството за образование и наука апелира учениците, наставниците и родителите доследно да ги почитуваат мерките и протоколите за заштита од COVID-19 во училиштата и надвор од нив, затоа што само со носење маски, држење растојание и често миење и дезинфекција на рацете може да се спречи ширењето на болеста, информираат од Министерството за образование и наука на Република Македонија. (Крај)

извор: МОН фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука