октомври 2, 2020

Охрид, 2. откомври 2020 (ОХРИДПРЕС) – Охриѓанецот Наум Милошески- Начо ја издаде својата прва песна за македонскиот пазар, на која соработува со Ecrrob или Борче Кузмановски, кој е дел од бендот „Нокаут“.

Песната e во сосема поинаков стил од неговата вообичаена продукција за светскиот пазар, каде компонира и како „ghost producer“, односно компонира и за други артисти.

-Бевме инспирирани да направиме некој поп радио хит, што би се слушал на нашите радио станици, затоа и жанровски песната многу се разликува од продукцијата која ја работам за светскиот пазар, а тоа е Big Room House фестивалска музика, рече Милошески, кој беше денешен гостин во емисијата Radio Corner на Супер радио, каде песната за прв пат беше официјално промовирана.

Околу музиката и продукцијата на Милошески и неговите идни планови, прочитајте повеќе во интервјуто за Супер Радио и OhridPress.

Image may contain: 1 person, beard

Супер радио: Кога ја откри во себе љубовта кон електронската музика?

Милошески: Љубовта кон музиката кај мене постои од кога знам за себе, а конретно во електронската музика навлегов од 2012 година. Како најголеми „виновници“ и најголема инспирација ми беше и сеуште ми е музиката на Dimitri Vegas & Like Mike, нивните настапи на големите фестивали, како на пример Tomorrowland ги следам од раните почетоци. Додека повеќето сакаат да се дел од публиката на овие фестивали, јас замислував какво е чувството да се биде на спротивната страна, како е да се биде оној кој ја прави забавата. Така пред повеќе од 4 години почнав да навлегувам во музичката продукција. На почетокот, додека се самоедуцирав, тоа ми беше само хоби, но како што напредував во последниве две години ми стана професија.

Супер радио: Како настана „Useless“, твојата прва песна за македонскиот пазар?

Милошески: Песната „Useless“ е со сосема различен стил од она што вообичаено го работам, а тоа е Big Room House фестивалска музика. Соработував со Ecrrob или Борче Кузмановски, кој е мој близок пријател и дел од бендот „Нокаут“. Кога е во Охрид времето го поминуваме заедно, па еден ден бевме инспирирани да направиме поп радио хит, кој би се слушал на нашите радио станици. Песната буквало ја направивме за неколку часа.

Супер радио: Кој го пее вокалот во песната?

Милошески: Вокалот го купивме online. Има доста артисти кои продаваат вокали преку интернет и навистина има преголем избор. Овој вокал многу ни се допадна и сметам дека супер се „залепи“.

Супер радио: Работиш и како т.н „ghost producer“, во што се состои твојата работа?

Милошески: Компонирам музика за други артисти, но паралелно работам и на проектот Nacho Nova, со фокус на Big Room Hause музиката. Веќе имам и официјално издание, траката „Valor“ во соработка со холандскиот продуцент Steeper. Траката беше поддржана од повеќе светски популарни дј-и, како Maurice West, Kevu, Olly James итн.

Image may contain: 1 person, sitting

Супер радио: Што те инспирира во компонирањето?

Милошески: Музиката не е механичка работа, потребна е инспирација. Некогаш се будам инспириран и веднаш се зафаќам за работа. Има и денови кога немам инспирација, тогаш се надоградувам, гледам туторијали и учам нови работи. Понекогаш за инспирација, знам да се возам со велосипед и да побарам инспирација во природата.

Супер радио: Какви се твоите идни планови?

Милошески: Тежнеам кон постојано надоградување и усовршување. Интензивно работам на проектот „Nacho Nova“ и наскоро терба да излезат нови траки, кои се надевам ќе бидат издадени за светски EDM издавачки куќи.

Eмисијата Radio Corner се емитува секој работен ден од 12:00 до 14:00 во живо од Sky Corner. Водител е Александра Алексијевска. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука