февруари 11, 2021

Охрид, 11. февруари 2021 (ОХРИДПРЕС) – Историскиот Архив во Охрид постои од 1-ви април 1951 година и слави јубилеј 70 години од постоењето.

Оваа институција е од огромно значење, не само за градот Охрид, туку и за целокупното западно македонско подрачје што го опфаќа. Низ годините тука се собираат и складираат документи кои сведочат за личности и настани кои одбележале едно време, а тоа продолжува во континуитет. Најстарите документи кои ги поседува установата датираат од 13-от век.

За основањето на институцијата, вредната архива што ја поседува, заживувањето на установата, но и за реализираните и проектите кои треба да ги очекуваме во иднина, разговаравме со в.д раководителот на Историскиот Архив во Охрид, доц. д-р Никола Митровиќ.

https://www.youtube.com/watch?fbclid=IwAR0_yQ2tj6kulg1DdFhjZVHTLaDy73X0lwZuRtq2SRMxLLORmTKJDky5Xwo&v=ZV0KNt1a7mg&feature=youtu.be

Супер радио: Веќе три месеци сте на челната позиција на Историкиот архив во Охрид, а архивистиката е ваша преокупација. Да започнеме со личната карта на установата, основање, колкава архива поседува…

Митровиќ: Три месеци сум в.д раководител на Државниот Архив – Подрачно одделение Охрид и навистна огромна е чест аи задоволството да се оди по трасираниот пат на Видое Видически, Павле Митрески, Целакоски… луѓе кои го основале патот на архивот. Кога сте на ваква позиција и го разглдувате минатото и ви е дадена довербата на една ваква институција тука нема импровизација, тука има само работа и сериозност. На тој начин и јас ги вршам моите активности. Оваа институција е создадена на 1-ви април 1951 година и е од огромно значење, не само за градот Охрид, туку и за целокупното западно македонско подрачје, бидејќи денешниот охридски архив опфаќа седум општини. Сите тие општини имаат подеднакви права и ингеренции и архивот има врз нив. Архивот навистина има големи тековни активности и истите гледајќи од минатото до денес мора да се имплементираат. Да, создаден е на 1-ви април 1951 година, датум кога е создаден и Државниот архив, оваа годнина ни е јубилејна, 70 години постоење. Мора да се сфати дека самата структура на архивот низ годините била различна. Биле прво како самостојни инстититуции, во склоп на музеите, па се оттргнале. До 1991 година биле како самостојна институција, а потоа се во склоп на Државниот Архив, како подрачни одделенија. Сето тоа ќе биде запишано во една монографија за охридскиот архив. Јас во мојата книга „Архив(истика)“ имам споменато некои историски делови, но со сигурност целокупното дејание на охридскиот архив ќе биде опфатено во таа монографија. Бројката на вработени во институцијата варира. Во овој момент имаме 13 вработени, кои секојдневно се занимаваат со науката архивистика. Тоа можеби е мал, можеби доволен број, но наше е да ги извршуваме работните обврски. Се надевам дека понатаму, во развојот на оваа институција, со оглед на големината на територијата која ја опфаќаме би било добредојдено доколку бројката се зголеми.

Нема достапен опис

Супер радио: Споменавте дека годинава се одбележуваат 70 години постоење на Државниот архив. Дали се знае од кога датираат најстарите и највредните документи кои ги имате конкретно овде или пак на државно ниво? Дали тука се наоѓа документот со кој Охридскиот регион е запишан на листата на УНЕСКО?

Митровиќ: Секогаш мора да знаеме во нашето депо кои документи се најстари. Некои се уште не може да се откријат од каде настанале, од кое време датираат, меѓутоа навистина имаме документи кои датираат од 13-ти век, опфаќаме документи од османлискиот период, тефтери кои се обидовме и да ги дешифрираме. Морам да потенцирам, кога станува збор за архивистиката не секогаш времето на создавање на документот е најзначајна карика. Документите може да ги поделиме во различни области, по време односно старост, но и по содржина, значајно е што еден документ има во својата содржина. Може и одреден документ да не кажува многу, но да е од некоја значајна личност и со тоа да добие вредност. Кога станува збор за УНЕСКО, нешто актуелно од денешен аспект. Јас објавив еден документ што е всушност сертификат Охрид – Град на УНЕСКО. Ние го немаме тој документ, но имаме копија. Не секогаш архивот поседува оригинални документи, но доста е значајно ако копиите се верни на оригиналот. Во една изложба „Охрид низ вековите“ беше претставен тој документ, ние ревносно го чуваме и прикажуваме и ќе стои понатаму во галеријата која ја подготвуваме.

Супер радио: Колку има податоци за охридски дејци, без разлика од која област. Еве на пример ја презедовте архивата за доајенот Леко Радиќ, потоа книгата за извршени услуги и верисија на мајстор Наум Малезанов.

Митровиќ: Една од основните дејности на архивот е да пронаоѓа значајни документи кои ќе сведочат за она што се случувало низ историјата. Имаме доста фондови, лични и семејни, во кои се укажува не само дејноста на личноста или семејството туку преку нив може да се согледа начинот на живот во Охрид. Постојат повеќе лични фондови, како што е на Лев Огненов, Ташко Арсов, презедовме нешто од ликовниот уметник Мајкл Клос. Секогаш се стремам за преземање на документи кои навистина се од значајни личности. Само за овие три месеци успеавме да преземеме два фондови. Тоа е од Александар Леко Радиќ, огромна благодарност до неговото семејство кое ни ги предаде во целост документите, а душата затрепери кога слушнавме дека тоа било и една од неговите последни желби се со цел да се проучува неговиот живот и дејност. Пред 20 дена презедовме документација од Гоце Џуклески, човек кој целиот живот се занимава со музика, има навистина работи кои треба да се проучуваат и да останат во наследство за идните поколенија. Важно е да се разбере дека не секогаш од луѓе кои заминале од овој свет преземаме документација, напротив се презема од сите оние личности кои имаат значење, а поради околности не можат да ги чуваат. Затоа ние преземаме документација, еве имаме 20 кутии од почитуваниот професор Павле Митрески, кои секојдневно ги надополнуваме. Навистина работиме многу на истражување и упатувам апел секој кој има значајна документација, слободно може да ја достави до архивот, каде ќе биде чувана во соодветни услови и ќе биде преземена согласно прописите и законските акти за примопредавање документација. Еве вчера беше предаден тефтерот за извршени услуги и верисија на мајстор Наум Малезанов, каде постојат интересни податоци за значајноста на модата во периодот од 1926 до 1936 година. Кога ги согледувате личностите кои се внатре напишани, наоѓате многу значајни податоци. Дури се надеваме на фототипно издание на оваа книга, со цел да доспее пошироко во јавноста.

Нема достапен опис

Супер радио: Периодов постојано нешто се случува во архивот, беше осветлен однадвор, воведовте пракса секој стотти посетител да добие пакет со книжни изданија од Архивот, потоа тука е проект како Рибарскиот алманх и она што е во тек, уредување на галерискиот простор. Кажете ни повеќе детали околу овие активности.

Митровиќ: Тоа е само дел од она што го спроведуваме. Мора да напоменам дека секој раководител си остава свој белег и траг во доменот на своето работење. Се обидувам и јас да направам нешто значајно, не само за институцијата туку и за пошироката јавност, бидејќи ние на некој начин делуваме и сме тука за јавноста. Она што ми пречеше, темнината на објектот во доцните часови, па со помош на Лајонс клубот „Лихнидос“ се осветли зградата, па дури и соседите беа благодарни за оваа акција. Еве сега ја осветливме и во боите на ретките болести, благодарност до Гордана Лолеска, која ни овозможи да бидеме дел од акцијата. Потоа Рибарскиот алманах е едно прекрасно пишано издание кое го пронајдовме и требаше да ја види светлината на денот. Презентиравме само дел од него, тоа беа 150 охридски рибари, ги има 428 со име и презиме, а вкупно со фотографии се 480. Во тек е пишување на монографијата, што ќе биде интересен проект. Повторно во соработка со ЛК „Лихнидос“, Културолошка иницијатива, ансамбл „Билјана“, со Ардијан кој ни го отстапи бимот на плоштадот, два дена одеа фотографиите на рибарите и направивме сензација, бидејќи годинава поради пандемијата не можеше да се организира било каков настан. Ова допре до душата на денешните рибари, а тие си ги пронајдоа и своите предци, па дури многу често даоѓаат и луѓе во поодминати години кои гледаат фотографии и се сеќаваат на нивните детски денови. Се надевам дека и книгата ќе има голем интерес. Архивот е отворена институција, треба да го посетуваат огромен број луѓе, така секој стотти посетител добива пишано издание од архивот, разгледница. Ако лани сме имале 500 посетители, веќе вчера го имавме 100-от посетител што значи дека навистина архивот доби промоција и пропаганда со често доаѓање на луѓето, не само за барање документи, туку и да ја видат самата институција, градена е во брутализам стил и е интерсна како однадвор, така и одвнатре. Се појави идеја врвот на оваа зграда биде претворен во галериски изложбен простор, при крај сме со подготовките. Побаравме и ги собравме сите знамиња на општините што ги опфаќа архивот и веќе се поставени. Набрзо ќе биде отворен тој простор. Тука ќе има постојана поставка за историјатот на архивот, а во другите пристории ќе има псотавки кои ќе се менуваат во зависност од денот, на пример за одбележување на значајни датуми, личности и случувања во градот.

Нема достапен опис

Нема достапен опис

Супер радио: Кои се плановите за следниот период, што може нешто ексклузивно да најавите, да откриете?

Митровиќ: Имаме уште многу идеи, треба многу од идеја до реализација, но кога се работи со желба и љубов секогаш се успева. Од технички аспект започнавме со прилагодување патека за инвалидизирани лица, што е донација на едно јавно претпријатие. Од стручниот дел сме во преговори за преземање на документација од Видое Видически, потоа на археологот Владо Маленко, навистина е штета архивот да нема документација од неговата дејност. Она што го забележав како раководител е дека недостасуваат лични и семејни фондови, покрај од Охрид и од други градови. Веќе во процедура сме на преземање документација од значајни личности и фамилии од другите градови. Кон тоа ќе се насочам во идниот период, заедно со мојот тим, се со цел да сведочат за идните поколенија. (Крај)

извор: ОхридПрес фото/видео: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука