јули 11, 2020

Дебар, 11. јули 2020 (ОХРИДПРЕС) – Во Бигорскиот манастир денеска од 18:00 часот ќе се изврши наречението за епископ на архимандрит Партениј, игуменот на овој манастир.

Утре на празникот посветен на апостолите св. Петар и св. Павле, во храмот „Света Софија“ во Охрид, со почеток од 08:30 часот ќе биде отслужена празнична Божествена литургија, на која Партениј ќе биде хиротонисан за епископ антаниски.

– Ве покануваме и вас, возљубени, да бидете дел од големото торжество, за сите заедно да се помолиме на нашиот Господ Исус Христос, да му испрати благодатни сили на нашиот духовен татко, да може достојно да го понесе товарот на новата архијерејска служба, соопштија од Бигорскиот манастир.

Оттаму ги замолуваат сите присутни поклоници и посетители совесно да се придржуваат до сите пропишани мерки за здравствена заштита, кои, пред сѐ, вклучуваат задолжително носење заштитна маска и запазување на потребното растојание. За таа цел, наведуваат, за присутните посетители ќе бидат обезбедени посебни заштитни маски, а ќе биде ангажирана и агенција за обезбедување, којашто ќе се погрижи за максимално спроведување на редот и одржување физичка дистанца. За непречено одвивање на настанот ќе помагаат и службениците на СВР Охрид.

Во соопштението се истакнува дека со оглед на тоа дека мерките предвидуваат и ограничен број присутни во храмот, во кој ќе можат да влезат одреден број свештенослужители и гости, за да им се овозможи на сите верници молитвено учество во настанот, во Бигорски и во Охрид ќе бидат обезбедени три надворешни видеоекрани, на кои ќе се врши директен пренос од богослужбата – едниот на влезот на „Св. Софија“, другиот на западниот трем каде што е амфитеатарот и третиот на плоштад, сѐ со цел подобро распоредување на граѓаните, за да се избегне формирањето поголема толпа. Со специјален ангажман на комуналното претпријатие во Охрид, пред да започне богослужбата ќе се изврши целосно дезинфицирање на храмот.

Од Бигорскиот манастир известуваат дека по повод овој многу значаен настан, во недела, на 12-ти јули, Бигорскиот манастир ќе биде затворен за посетители до 15:00 часот. (Крај)

извор: Слободен печат фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука