октомври 22, 2020

Охрид, 22. октомври 2020 (ОХРИДПРЕС) – Фотографијата од новото (угостителско) нормално во Охрид совршено ја отсликува состојбата во која се наоѓа во моментов Охрид, најголемиот туристички центар кај нас.

Денот е четврток, 22. октомври 2020 година, околу 18:00 часот. Во старата охридска чаршија скоро и да нема гости во рестораните, кои пред пандемијата во овој период беа солидно исполнети со гости.

Охридските угостители ги почитуваат последните мерки усвоени од Владата на Република Македонија, со кои работното време завршува во 23:00 часот.

-Наместо до полноќ ќе работиме до 23:00 часот, ќе постапуваме согласно владините мерки, ние треба да се потрудиме да ни олеснат барем во оние часови кога ќе работиме да имаме поинтензивен промет, да надоместиме некако. Меѓутоа, јасно е дека немањето на летните тераси на зима е голем удар за работењето, вели за Супер радио и OhridPress претседателот на охридскиот угостителски еснаф, Михаил Мишев.

Владата на Република Македонија ги прифати препораките на Комисијата за заразни болести да се ограничи работно време на сите угостителски објекти до 23:00 часот. Исклучок се прави кај оние објекти што вршат испорака.

Донесена е одлука да се ограничи капацитетот на патници во возилата на јавниот превоз на 50% од вкупниот број на патници предвидени во едно возило.

Владата ја прифати и препораката целата државна и јавна администрација, општините и судовите, согласно принципот на работа и работниот процес, организирањето на работата да се одвива во смени или онлајн од дома или, пак редуцирано со систем на ротации зависно од карактеристиките на работниот процес на институциите. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: Shogun Shogun Barber

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука