февруари 3, 2021

Охрид, 3. февруари 2021 (ОХРИДПРЕС) – Охридското основно училиште „Григор Прличев“ е назначено за амбасадор училиште на Erasmus+ програмата за просоцијално учење.

Ова овозможи училиштето да биде и едно од петте во Македонија што ќе учествува во имплементација на проект „RObotics versus BullYing“, преку кој учениците преку забава ќе навлезат во тајните на науката, технологијата и инженерството.

– Проектот „RObotics versus BullYing“ под раководство на наставничката Марина Танасоска ќе биде насочен кон имплементација на STEM едукација – роботика, која ќе им овозможи на учениците на возраст од 6 до 12 години да ги направат своите први чекори во науката, технологијата и инженерството на забавен начин и преку социјална инклузија, со што ќе се зголемат нивните дигитални вештини, но пред се’ вештините за решавање проблеми, критичко размислување, експериментирање и тимска работа кои се клучни во животот на детето, велат од училиштето.

Проектот „RObotics versus BullYing“ ќе се реализира во периодот февруари 2021 до декември 2024 година. Имплементатори беа шест невладини организации од Италија, Турција, Литванија, Шпанија, Бугарија и Македонија, чии што програмски цели се насочени кон развој на современите образовни трендови.

Инаку училиштето деновиве со бројни онлајн активности на учениците го одбележува својот патронен празник. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука