октомври 5, 2020

Скопје, 5. октомври 2020 (ОХРИДПРЕС) – Не ни требаат нови крпеници од протоколи за работа – доброволно ќе ги затвориме угостителските објекти на две недели, порачуваат од Независната угостителска комора (НУК) по последната одлука на Владата на Република Македонија која ги прифати предложените мерки на Комисијата за заразни болести.

Истите предвидуваат забрана за гостување на пејачи и диџеи во сите угостителски објекти, ограничување на јачината на музиката до 55 децибели и намалување на бројот на лица кои може да седат на една маса во угостителски објект од сегашните 12 на 4.

Од НУК прашуваат што ќе се прави ако бројките на заболени продолжат да растат и која ќе биде причината тогаш. Дали ќе се има доблест и смелост одговорните да се извинат и да ја надокнадат штетата што ја прават на угостителите д-р Караџовски и министерот Филипче и јавно да признаат дека угостителските објекти не се причина за зараза, туку оправдание за избегнување на одговорноста од погрешно донесените мерки и генерални препораки за спречување на ширењето на корона вирусот COVID-19.

-И повторно без никаква дебата или консултација со угостителите, естрадните уметници или коморите и здруженијата, Д-р Караџовски злоупотребувајќи ја Комисијата за заразни болести самоволно, поради само десетина неодговорни угостители и угостителски објекти одлучи да казни 6.500 угостители со 35.000 вработени. Наместо да изработат и предложат или ги прифатат нашите предлози за унифицирани препораки на целокупната угостителска индустрија, КЗБ со нови парцијални промени на протоколи за работа само ќе го докомплицира работењето на угостителите и естрадните уметници и ќе предизвика појава на непотребни протести и угостителска криза со Владата на Република Македонија. Многу побезболно, подобро и поквалитетно решение ќе беше Владата наместо да удоволи на Комисијата за заразни болести да излезе во пресрет на барањата на Директорот Стојко Пауновски да се зголемат ингеренциите, да даде поголеми надлежности и пренесе нови овластувања на ДПИ – Државниот пазарен инспекторат. Таквото решение и нова ригорозна казнена политика за непочитување на протоколите ќе овозможи инспекторите од ДПИ веднаш да ги казнат, затворат и пломбираат угостителите кои не ги почитуваат важечките законски прописи, уредби и протоколи за работа со што ќе се овозможи на сите останати угостители кои максимално се залагаат во почитување на истите да работат со цел да опстанат. На секој од нас му е јасно дека новите ограничувања односно промена на протоколите за работа нема да го решат зголемениот број на заболени. Свесно ги поттикнуваат и приморуваат младите и гостите од угостителските објекти да бараат алтернативни решенија на дружење и забава. како што се групни и масовни собирања на приватни забави, по паркови, паркинзи и возила без апсолутно никаква контрола и никакви механизми за заштита и превенција на личното и јавното здравје, потенцираат од Независната угостителска комора.

Додаваат дека новите донесени промени во протоколите за работа на угостителски објекти нема да променат ништо кај оние за кои истите не постојат, затоа што поголемиот дел од пријавите и записниците ќе немаат судска завршница.

-Новите промени во протоколите за работа ќе ги потикнат најзагрозените естрадни уметници и угостители да тргнат заедно во борба за своите права и слобода на работа што ќе предизвика континуирана граѓанска непослушност и протести, стои во реакцијата на Независната угостителска комора. (Крај)

извор: НУК фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука