јули 6, 2020

Рим, 6. јули 2020 (ОХРИДПРЕС) – На 91-годишна возраст, во болница во Рим, денеска почина славниот италијански композитор Енио Мориконе.

Енио Мориконе е роден во Рим на 10-ти ноември 1928 година. Тој се смета за еден од највлијателните луѓе во историјата на филмската музика. Овој двократен добитник на Оскар беше познат по соработката со Серџо Леоне, италијанскиот режисер заслужен за создавање на жанрот „шпагети вестерн“. Во текот на својата богата кариера, Мориконе компонирал музика за над 500 филмови, меѓу кои се, „За долар повеќе“, „Добриот, лошиот и грдиот“, „Беше еднаш во Америка“, „Беше еднаш на Дивиот Запад“, „Недопирливите“, „Мадалена“.

Мориконе го нарекуваа Маестро, а во 2007 година беше награден со почесен Оскар за извонредни придонеси во уметноста на филмската музика. Во 2016 година освои Оскар за најдобра оригинална музика за музиката за филмот „Омразените осуммина“ на Тарантино.

Во 2009 година беше и во Охрид, го отвори 49-то издание на фестивалот „Охридско лето“. Мореконе диригираше со спектаклот „Беше еднаш во Македонија“. Одликуван е со Медал за заслуги за Македонија.

Семејниот адвокат Џорџо Асума објавил дека погребот ќе се одржи во приватност и „во согласност со понизноста која отсекогаш била главна инспирација во неговите животни дела“. (Крај)

извор: ОхридПрес/Плус инфо фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука