февруари 3, 2021

Скопје, 3. февруари 2021 (ОХРИДПРЕС) – Средношколскиот сојуз бара поддршка од пратениците во Собранието за измени на Законот за средно образование со кои ќе се овозможи нивното барање за кратење на предметите кои ќе ги полагаат со државната матура од четири на два. Министерката за образование Мила Царовска подвлече дека годинава матура ќе се полага според актуелниот концепт.

– Ако сакаат да го продолжат своето образование кон високо државата има задолжително обврска да го испочитува законот. Јас како министерка не гледам како не би го почитувала законот, кога ниту имаме вонредна состојба, ниту имаме можност на владини седници да донесуваме вакви одлуки. Законот е јасен и дециден, а тоа укажува на спроведување на матура во наредниот период, заради тоа што државната матура е услов за запишување на високообразовните институции, потенцира Царовска.

Таа истакна дека МОН од прв ден разговара со Сојузот на средношколци, првично за начинот на одвивање на наставата потоа и за матурата. Заеднички заклучиле дека концепцијата треба да се менува, но оваа година сите рокови се поминати, а над 14.000 матуранти веќе се пријавиле за полагање.

– Ретроактивно процесите не може да ги вратиме, МОН ќе работи на нова концепција за државна матура за наредната генерација и за нејзиното подготвување ќе ги усогласува ставовите заедно со Сојузот на средношколците, нагласи Царовска.

Во рамки на матичната Комисија за образование, наука и спорт, за петок е закажана јавната расправа врзана за нацрт-коцепцијата за основно образование. На Комисијата ќе се сублимираат сите ставови, ќе се прикажат и забелешките и сугестиите кои пристигнаа до МОН до 20-ти јануари и кога заврши рокот, по што ќе се утврди што е конструктивно и прифатливо за унапредување на оваа концепција. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука