септември 12, 2020

Охрид, 12. септември 2020 (ОХРИДПРЕС) – Уникатно дизјниран, уреден во модерен стил, ресторанот и скај барот во елитниот хотел „Sky Corner“ нуди совршена атмосфера за сите кои сакаат да се чувствуваат опуштено и пријатно, во било кој дел од денот, а посебно задоволство се десертите кои станаа препознатлив бренд на хотелот.

Зад овие оригинални и високо квалитетни десерти стои потписот и вештините на Наташа Трајкова, дипломирана слаткарка, натамошно обучена од француски слаткар. На менито ќе ја сретнете „азбуката“ на француското слаткарство, како на пример оригиналниот Paris breast еклер, но и многу сезонски десерти.

– Понудата постојано ја прошируваме и менуваме, но она што ќе остане константно е што и натаму ќе го задржиме француското слаткарство како основа. Се стремиме во иднина максимално да не ја запоставиме и македонската традиција, во малку пософистицирано светло, со употреба на фанцуски техники и со намирници кои се типични за нашето поднебје, вели Трајкова.

Околку слатката приказна која прерасна во препознатлив бренд на хотелот повеќе од интервјуто со Трајкова за Супер радио и OhridPress.

Супер радио: Од каде Ви се јави желбата за слаткарството и како се развиваше Вашата професионална приказна?

Трајкова: Јас сум дипломиран слаткар, а потребата и желбата да се дообразувам дојде многу природно, како надврзување на моето претходно искуство и дејност во пекарството. И врвот и класиката во слаткарството е француското слаткарство, па особено се радувам на тоа што уште пред самото отворање на хотелот Sky Corner, добивме дообука од врвен француски слаткар. Ова искуство имаше огромно влијание врз мене и мојата креативна енергија. Горда сум што сега кај нас за прв пат во Охрид може да се проба Paris Breast еклер, подготвен по оригиналната рецептура. Обуките беа голем залак, но и прекрасно искуство, бидејќи слатките како Paris Breast еклер се „азбуката“ во слаткарството.

Супер радио: Колку се важни ваквите обуки и професионални надградби во слаткарството и што друго е значајно за да се постигне високо квалитетна понуда?

Трајкова: Како и се друго околу нас и храната е во брз чекор, бара брзо прилагодување на потребите на пазарот и желбите на гостите. Мора да се следи тој брз чекор со огромна доза на иновативност и желба за постојано учење и надградување. Морам да нагласам дека работам во прекрасни услови, што за мене е особено значајно. Имам целосна слобода да го контролирам целиот процес во изработката на десертите. Имам на располагање автентични и оригинални намирници од различни делови од светот, директно од Франција, Белгија, Грција итн, но се разбира дека важни се и потребните алатки во кујна.

Супер радио: Во изработката на десертите во Sky Corner се користат големи количини на високо квалитетна чоколадо. Кое е мерилото за квалитет на чоколадото?

Трајкова: Мерило за квалитет на чоколадото во светот се белгиските чоколади, кои и ние ги користиме. Врвни се затоа што се изработени со голем процент на високо квалитетно виетнамско какао. Токму вакви намирници имаме на располагање во Sky Corner, па затоа и квалитетот на самиот производ се разликува. Во слаткарството постојат четири основни кремови, тука ги изработуваме од нула, во сите фази. Тајната на богатиот вкус и арома се состојат и во тоа што кај нас нема готови кремови, во кои само нешто се додава, туку сите кремови во секоја фаза се подготвени кај нас, без адитиви, конзерванси и подобрувачи на вкусови. Вкусот на лешник, доаѓа од лешникот не од некоја замена која само треба на момент да ги излаже сетилата. Hazelnut колачето е на пример мало колаче, можеби не го задоволува визуелното, но кога ќе го пробате, добивате нешто многу големо, вкус кој изненадува, со нагласена нишка на лешник.

Супер радио: Меѓу домашните и странските гости во Sky Corner, кој е пољубопитен за откривање нови вкусови, а кој е повеќе по класичните десерти, кои ги нарековте „азбука“ во слаткарството? Што најмногу сакаат децата?

Трајкова: Странците најчесто одат на познато, на класичното од кое знаат што да очекуваат, а интересно е кај нив што не ја ценат големината на слатката, што пак е карактеристично за домашните гости. Детското око најмногу го привлекуваат впечатливите бои, затоа ги имаме слатките овошки, во форма на јагода, јаболко, круша и лимон, кои децата ги обожаваат. Младите одат на она што е хит, па сега најбарана ни е тортатата Нутела, бидејќи тој вкус е многу широко прифатен за љубителите на чоколадните вкусови. Во летно време убаво се пробива и овошната торта.

Супер радио: Сезонското овошје асоцира на сезонските десерти. Што сезонско да очекуваме на есенското слатко мени во Sky Corner?

Трајкова: Секој колач си има своја приказна. Интересна е приканата околу познатата пита Татин тарт. На почетокот на 20-тиот век во Америка сестите Тарт, случајно при правењето на обична пита од јаболка, ја загореле, па за да се снајдат ја превртеле питата од другата страна. Приказната е прекрасна за илустрација на тоа како една „згрешена“ пита од локален бренд, може да прерасен во нешто што е преознатливо насекаде во светот. За оваа пита е карактеристично што се прави со огромна количина на карамелизирани јаболка. Се ближи сезона на јаболката и сакаме охриѓани и гостите во Sky Corner за прв пат кај нас да уживаат во оваа класика, која Ви ја најавуваме на есенското мени.

Супер радио: На што обрнувате особено внимание при изработката на слатките и торите во Sky Corner?

Трајкова: Нашите колачи веќе стануваат препознатлив бренд на хотелот Sky Corner и знам дека имам огромна одговорност околу константноста на квалитетот. Со оглед на тоа што ми се дадени на располагање прекрасни услови за рaбота и намирници се висок квалитет, ги имам сите потребни аспекти кои се важни за гаранција на квалитетот. Сето тоа ми дава и дополнителен мотив за натамошно усовршување во слаткарството. Покрај извонредните услови за работа и висококвалитетните намирници, потребна е и огромна креативна слобода и среќна сум што ја имам во огромни колични.

Супер радио: Покрај сезонски, какви други новитети ќе има на менито?

Трајкова: Ќе „играме“ со нови, но и со старите класики од слаткарството. Не би сакала се да откријам одапред, бидејќи сето таа сакаме да го воведеме „дозирано“. Понудата постојано ја прошируваме и менуваме, но она што ќе остане константно е што ќе го задржиме француското слаткарство како основа, сепак тоа е светската лулка на слаткарството. Се стремиме во иднина максимално да не ја запоставиме и македонската традиција, во малку пософистицирано светло, со употреба на француски техники, но со намирници кои се типични за нашето поднебје.

Супер радио: Што Ве прави горди во досегашното две годишно во креирање на слаткото мени во хотелот Sky Corner?

Трајкова: Особено сме горди што сме испишале многу позитивни приказни во Sky Corner. Во нашите слатки, со скриен прстен внатре, еден од нашите гости ја побара за жена својата девојка, потоа сме правеле и многу наменски слатки изненадувања за одбележување на годишнини од брак, родендени и слично. Горди сме на овие приказни и ги доживуваме како огромна вредност, но и одговорност пред нашиот препознатлив бренд. Ми се допаѓа и што се почесто пријателките своите дружби во Sky Corner, покрај со кафе ги врзуваат и со квалитетен десерт, но и тоа што гостите се враќаат и бараат повторно да уживаат во слатките специјалитети. Сето ова е наш најголем двигател да продолжиме во насоката во која се движиме, да креираме приказна во која најзначајно ни е да држиме квалитет, но и да ги следиме светските трендови.

Супер радио: Што е тренд во слаткарството во моментов во светот?

Трајкова: Тренд е црвеното „Ruby“ чоколадо. Бојата му е природна, доаѓа од црвената боја на самото какао од кое е направено. Сите овие новитети во светот, нам ни се достапни преку нашите дистрибутери, кои соодветно преку семинари и работилници дополнително не обучуваат во врска со начинот на кој се користи намирницата. Сакаме да ги следиме светските трендови и наскоро ќе имаме нешто ново на слаткото мени во Sky Corner во кое ќе доминира Rubi чоколадата. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука