јуни 15, 2020

Охрид, 15. јуни 2020 (ОХРИДПРЕС) – Со Утрена богослужба, која започна во 07:30 часот, Македонската православна црква – Охридска ахиепископија, односно Дебарско-кичевската епархија Охрид, го продолжи празнувањето на празникот на светиот свештеномаченик Еразмо Охридски Чудотворец.

Со Светата архиерејска Литургија раководи Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарко-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј.

Поради спречување на мерките за ширење на корона вирусот COVID-19, од црквата обезбедија пренос на социјалните мрежи и апелираа до верниците за почитување на мерките од Владата, зашто и Црвата е дел од оваа држава и се грижи за здравјето, телесно и духовно, на сите верници и на сите луѓе.

– Затоа сметаме дека со нашето внимание и со грижата за себе, но, пред сѐ, со грижата за нашите ближни, можеме да придонесеме во голем дел што побрзо да се ослободиме од ова искушение. Затоа, поради настанатата состојба со корона вирусот COVID-19, ги известуваме верниците кои сакаат да дојдат во манастирот и да се помолат на големиот светител, дека ќе мора да се придржуваат до мерките на Владата за спречување и ширење на вирусот, што подразбира носење на заштитна опрема (маска, марама, шал и слично), како и држење на определеното растојание. Истовремено, Ве известуваме дека оваа година нема да се поставуваат тезги во манастирскиот двор. Се надеваме дека верниот народ ја разбира нашата грижа, особено што ова е грижа, пред сѐ, за нив, за нивното здравје и за нашата иднина. Господ, нашиот Бог, по молитвите на светиот свештеномаченик Еразмо Охридски, да нѐ избави од сите искушенија и да ни дарува здравје, мир и голема љубов, та победувајќи го невидливиот непријател, уште повеќе да се зацврсти нашата вера и да нѐ сплоти како народ, кој верно ќе му служи на Црквата и на Татковината, стои во соопштението. (Крај)

извор: Дебарско-кичевската епархија фото: Дебарско-кичевската епархија

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука