мај 6, 2020

Скопје, 6. мај 2020 (ОХРИДПРЕС) – Учебната година за матурантите завршува на 19-ти мај, а за останатите ученици на 10-ти јуни, согласно Уредба на Владата.

Уредбата определува дека наставната година во основните училишта ќе заврши на 10-ти јуни, преку далечинско учење односно учење од дома, со примена на средства за електронска комуникација, а запишувањето на децата во прво одделение во основно училиште за учебната 2020/2021 година, ќе се реализира во месец јуни.

Во средните училишта наставната година за учениците ќе заврши на 10-ти јуни, а за учениците од завршните години, односно матурантите на 19-ти мај.

Согласно владината Уредба учениците од завршните години на образование во учебната 2019/2020 година се ослободуваат од полагањето на државна матура, училишна матура, завршен испит со тригодишно траење и завршен испит со четиригодишно траење во средното гимназиско образование, средното стручно образование, средното уметничко образование и средното образование за ученици со посебни образовни потреби и дека на овие ученици училиштето ќе им издаде диплома за завршено средно образование, која се издава само за учебната 2019/2020 година.

Со Уредбата со законска сила за високото образование за време на вонредна состојба се продолжуваат роковите за важење на акредитацијата на постојните студиските програми на сите три циклуси на високото образование. Уредбата исто така определува дека во академската 2020/2021 година на прв циклус академски и стручни студии, како и на академски студии од областа на уметностите, може да се запише и лице кое се стекнало со диплома за завршено средно образование во траење од четири години во учебната 2019/2020 година, согласно Уредбата со законска сила за примена на Законот за средното образование за време на вонредна состојба. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука