јуни 22, 2020

Охрид, 22. јуни 2020 (ОХРИДПРЕС) – Со посебни мерки и протоколи, охридските угостители од денес ќе започнат со работа, во обид колку што е можно да се спаси сезоната.

Велат дека во услови кога едвај опстојуваат под удар на корона кризата, протоколите кои го воведе Владата ќе бидат скоро невозможни за исполнување, пред се’ затоа што ќе мора да се ангажираат дополнителни луѓе. Според дел од нив, самите протоколи ќе ги одвратат и гостите од посета на Охрид.

– Тие доаѓаат тука за да уживаат, а протоколите забрануваат групирање, мора постојано да се носат маски. Тие работи едноставно не одат заедно, коментираат за Супер радио и OhridPress.

Дезинфекциска бариера за обувки пред влезна врата, како и пулт за дезинфекција на раце во холот, задолжително носење заштитна маска за гостите и за вработените, обезбедување на потребното растојание на рецепцијата и заштитен пулт, како и секојдневна хигиена на собите се само мал дел од мерките во протоколот, со кој се очекува хотелите да работат безбедно.

Владата на Република Македонија претходно донесе одлука да се продолжи работното време на угостителските објекти до полноќ во работни денови и до 01:00 часот после полноќ за време на викендите. Донесен е и Протоколот за отворање на границите, така што во земјава сега може да влезе секој што има негативен тест на COVID-19 не постар од 72 часа. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука