јануари 21, 2021

Скопје, 21. јануари 2021 (ОХРИДПРЕС) – Секако дека се потребни измени во концептот за полагање државна матура, но оваа година е законски утврдено како се полага и зошто се полага матура и од тоа нема бегање, потенцира министерката за образование и наука, Мила Царовска.

Во интерес на учениците и на квалитетното образование во земјава е да се спроведе државната матура според актуелниот концепт и најави дека од следната година ќе има измени во концептот.Додаде дека над 14.000 матуранти имаат пријавено да полагаат и проектна задача и предметите.

– Секако дека се потребни измени во концептот за матура, но оваа година е законски утврдено како се полага и зошто се полага матура и од тоа нема бегање. Концептот е утврден на почетокот на учебната година и тој се спроведува во моментот. Секое поместување ќе им направи проблем на учениците за запишување во високото образование надвор или во земјава. Во интерс на учениците и системот е матурата да се спроведе. Направени се измени се воведоа два дополнителни изборни предмети, геоградија и информатика, се промени проектната задача, но во секој случај матурата значи заокржување на еден стадиум од образование. Во однос на матурата за наредната учебна година, во 2022 година кога ќе се полага, нема да има проблем да имаме нова концепција. На состанок вчера со претставници на Сојузот на средношколци договоривме да се формира работна група која од понеделник, заедно со Матурскиот одбор и со Државниот испитен центар, кои се задолжени за државната матура, ќе работат да се подготви нов концепт за наредната учебна година, рече Царовска.

Во однос на бојкотот на наставата од матурантите организирани од Сојузот на средношколци, Царовска вели дека тоа се мали групи кои искажуваат револт и тоа е нивно легитимно право, но сите тие имаат пријавено дека ќе полагаат матура. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука