мај 11, 2017

Охрид, 11. мај 2017 (ОХРИДПРЕС) – Полна со позитивна енергија и полна со желба да плови во актерството како нејзина животна определбa. Тоа го забележа јавноста гледајќи ја како полуфиналистка на талент шоуто Ohrid SUPERSTAR, тоа го забележа и регионалната О2 телевизија и затоа одлучи нејзе да и ја додели наградата отпочнување на сопствен телевизиски проект.

angelamarkoska2

Која е Ангела Маркоска, какви се нејзините импресии од учеството во Ohrid SUPERSTAR и кои се нејзините идни предизвици прочитајте во интервјуто за Супер Радио и OhridPress.

Супер радио: Од самиот почеток остави силен впечаток со своите актерски вештини, кои те доведоа до полуфиналето на талент шоуто Ohrid SUPERSTAR. За оние кои не ја познаваат, која е Ангела Маркоска?

Ангела: Имам 15 години, учам во ОУ „Живко Чинго“ каде сум одлична ученичка, за мене пријателите велат дека сум многу комична и полна со позитивна енергија, во врска со мојот карактер можам да кажам дека сум искрена, темпераментна и скромна личност.

angelamarkoska3

Супер радио: Твојот талент беше најзабележителен за О2 телевизија, токму затоа ти ја доби наградата отпочнување на сопствен ТВ проект на овој медиум. Си имала ли некое претходно искуство со медиуми или пак со актерство?

Ангела: Имам учествувано неколку пати во емисија на телевизија, но сепак немам некое големо искуство со медиумите.

Супер радио: Од кога ќе ја гледаме Ангела на регионалната О2 телевизија. И можеш ли да ни откриеш поточно за каков проект станува збор?

Ангела: Се надевам ќе ме гледате во што поскоро време на регионалната О2 телевизија. А за каков проект станува збор, ќе оставам да биде изненадување.

Супер радио: Кои се актерите на кои се восхитуваш или пак на некој начин се инсипирација за тебе?

angelamarkoska4

Ангела: Се восхитувам на повеќе холивудски ѕвзди кои претежно се комичари и на некои наши актери кои ми даваат инспирација.

Супер радио: Како испадна да се пријавиш на Ohrid SUPERSTAR, дали долго размислуваше и што беше пресудно?

Ангела: За Ohrid SUPERSTAR се пријавив сама. Не размислував многу долго бидејќи мојот талент беше пресуден.

Супер радио: Имавме 2,5 месеци дружба со останатите кандидати, организаторите, но и жири комисијата. Што ти остави најголем впечаток од целото шоу и имаш ли некои забелешки за истото во било која форма?

Ангела: Најголем впечаток ми остави целото дружење во текот на серијалот, како и коментарите и изразите на жирито после секој мој настап. А забелешките се занемарливи во однос на целата организација.

Супер радио: Гледачите го видоа само она што беше на сцената. Има ли некоја интересна случка од бекстејџот, нешто што можеби секогаш ќе ја паметиш?

Ангела: Секако дека зад бекстејџот имаше многу интересни случки со водителите и жирито кои никогаш нема да ги заборавам.

angelamarkoska5

Супер радио: Медиумската експонираност краде голем дел од слободно време. Напорно ли беше снимањето на шоуто и подготвена ли си да имаш подинамично животно темпо?

Ангела: Подотвена сум на се. За мене тоа е предизвик.

Супер радио: За крај, каде се гледа Ангела после пет години?

Ангела: Се надевам на филмското платно. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука