октомври 15, 2019

Охрид, 15. октомври 2019 (ОХРИДПРЕС) – Охридските „гладијатори“ со 12 бодови и трето место на суперлигашката табела одат во нов поход по три бода.

Утре во рамките на шесттата рунда, РК „Охрид“ игра на домашен терен, против екипата на Бутел од Скопје, која пак има идентичен број поени со охридските ракометари. Натпреварот ќе се игра во Спортската сала „Билјанини извори“, со почеток во 19:00 часот.

– Свесни сме дека противничката екипа е добра, но од друга страна ние имаме 4 победи по ред, играме на домашен терен и се надевам дека овие предности ќе успееме да ги валоризираме, рече Крсте Андоноски, капитен на РК „Охрид“, кој беше денешен гостин во емисијата „Радио Корнер“ на Супер радио.

За расположението околу утрешниот натпревар, за новата сезона која клубот ја започна со многу нови засилувања и нов тренер, за поставените цели и многу други теми, повеќе од интервјуто за Супер Радио и OhridPress.

Супер радио: Утре пред ГРК „Охрид“ е значаен натпревар, играте на домашен терен против екипата на скопски Бутел. Охрид има 12 поени и Бутел има 12 поени. Какви се очекувањата од овој натпревар, каква е енергијата моментално во клубот?

Андоновски: Противничката екипа е добра екипа, годинава играше во Европските купови и на несреќен начин, буквално во последната секунда изгуби на гостувањето кај ЗТР „Запорожје“, во Украина. Свесни сме дека противничката екипа е добра, но од друга страна ние имаме 4 победи по ред, играме на домашен терен и се надевам дека овие предности ќе успееме да ги валоризираме.

Супер радио: Сеозната ја започнавте со многу нови засилувања. Како новите играчи се вклопија во тимот и колку сте задоволни од тоа како до сега тече сезоната?

Андоновски: Оваа сезона имаме повеќе нови играчи, нови засилувања, комплетната бековска линија е нова, а тоа подразибира и дека ни треба повеќе време да се уиграме. Задоволни сме и засега успеваме да одиме по зацртаниот пат, кој се надеваме ќе не одведе до Плеј-офот.

Супер радио: Покрај со нови засилувања, седмата сезона во македонската ракометна елита ја започнавте со нов предводник. Поранешениот репрезентативец на Македонија, Раде Стојановиќ потпиша едногодишен договор да го води ГРК „Охрид“. Колку сте задоволни и Како Ви оди со новиот тренер?

Андоновски: Тренерот Стојановиќ е докажано име во македонскиот ракомет, поранешен репрезентативец. Задоволни сме, улогата на тренер ја извршува на многу високо, професионално ниво.

Супер радио: Со какви амбиции влеговте во оваа новата, за Вас седма ракометна сезона?

Андоновски: И во новата сезона целта ни е да играме во Плеј-офот, односно да завршиме на една од првите 4 позиции на табелата. Во Плеј-офот секој натпревар е приказна за себе, сите противници се квалитетни. Се надеваме и длабоко веруваме дека ќе успееме да обезбедиме пласман кој догодина ќе ни овозможи настап во Европските купови.

Супер радио: За да се реализираат поставените цели потребна е напорна работа, многу тренинзи, добра волја итн. Колку често тренирате?

Андоновски: Секој ден имаме два утрински тренинзи, потоа пак тренираме во терминот од 18 часот. Составен и многу значаен дел од подготовките и тренинзите ни е и прегледување на видеа од натпреварите на нашите противници.

Супер радио: Да се навратиме и да се потсетиме на најголемите успеси до сега на охридските ракометари.

Андоновски: Еден од најголемите успеси на клубот е третата позиција, веднаш зад ракометните клубови Вардар и Металург, кога пред три сезони обезбедивме и настап за следната година во Европските купови. Успеавме да го совладаме Волендам, да одиме во следното коло, каде имавме дуел со екипата на Порто, која истата сезона имаше многу силен тим. Порто не совлада но, тој дуел донесе огромно искуство за нас. Меѓу другите успеси, да потсетам дека два пати бевме учесници на Ф4 Купот на Македонија, а три години сме и учесници во Плеј-офот на македонското првенство.

Супер радио: Во досегашниот тек на Супер лигата супер Ви оди во реализацијата на поставените цели, имате 4 победи и 1 пораз. Ја добивате ли очекуваната поддршка од трибините, од навивачите, барем на домашен терен?

Андоновски: Охридската публика важи за една од најверните. На секој натревар навивачите се во огромен број. Би можел да истакнам дека и екипи „гиганти“, како Металург, Вардар, Еурофарм Работник можат да ни подзавидат. Секако дека навивачите ни се многу голема поддршка. Би сакал да го пофалам навивачкиот тим Рибари, кои секогаш на домашен терен не бодрат, ни даваат победничка енергија, а често тоа го прават и кога имаме гостувања надвор од Охрид.

Супер радио: Според Вам, каков е ракометниот потенцијал кај најмладите ракометари во клубот?

Андоновски: Како на репрезентативно, така и на клупско ниво, ракометот кај нас е број еден национален спорт. Младите охридски ракометари се иднината на ГРК „Охрид“ и во последниве 5-6 години во Охрид сериозно се работи со нив. Покажуваат и одлични резултати, во кадетска категорија неколку сезони беа трети, а лани во младинска катерогија беа втори во Макеоднија.

Супер радио: Обично локаланите спортски клубови генерално се жалат на лошите услови за работа и недостатокот на финасиски средства. Колку ГРК Охрид е задоволен од условите во кои работи?

Андоновски: Секоја сезона е различна и би рекол се зависи од финансиите. Има некои сезони кога мачевме мака со финансиите и условите за работа. Ако зборувам конкретно за годинава, задоволни сме и имаме навистна добри услови за работа. Се надеава дека се обезбедени средства за целата година и дека нема да имаме никаков проблем од овој аспект.

Емисијата Radio Corner се емитува секој работен ден од 12:00 до 14:00 во живо од Sky Corner. Водител е Александра Алексијевска. (Крај)

извор: ОхридПрес фото/видео: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука