Охрид, 3. март 2022 (ОХРИДПРЕС) – Атлетичарот на АК „Охрид“ Јован Стојоски в сабота ќе учесвтва на Балканско првенство во сала, за сениори, што ќе се одржи во Истанбул, Турција.
Стојоски ќе се натпреварува во дисциплината 400 метри со личен резултат и рекорд на Македонија 47,18 секунди, постигнат на атлетскиот митинг во Будимпешта.
Покрај Стојоски, македонски атлетичари кои ќе учествуваат се и Дарио Ивановски во дисциплината 3.000 метри со личен резултат и рекорд на Македонија 8.01.63 минути и Андреас Трајковски во дисциплината скок во далечина со личен резултат и рекорд на Македонија 7,65 метри.
Со оглед на тоа дека сите тројца во овој дел од сезоната значително ги соборија и подобрија националните рекорди во своите дисциплини, а и самото учество на бранителот на титулата балкански шампион Дарио Ивановски кој минатата година донесе златен медал од ова првенство, федерацијата нескромно очекува повеќе медали.
На првенството учество ќе земат 22 држави членки на Балканската федерација со преку 350 атлетичари.
Стартните листи и распоредот може да го погледнете ТУКА. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива