април 30, 2018

Охрид, 30. април 2018 (ОХРИДПРЕС) – Викендов во охридскиот Центар за култура „Григор Прличев“ се одржа јубилејното 20-то издание на фестивалот на детски песни „Распеано рибарче“.

Учеството на овој фестивал за мнго негови учесници значеше мотив и желба да продолжат да се занимаваат со музика. Од овој фестивал подоцна излегоа и профилирани изведувачи, како Симона Попоска, Антонио Ристески, сега дел од триото „Само Тони и две жени“, потоа Емилија Петровска, која продолжи да се знимава со музика и се покажа во одлично светло на талент шоуто „Ohrid SUPERSTAR“ и уште многу други. За спомените од минатите и плановите за идните изданија на фестивалот во „Радио Корнер“ на Супер радио зборувавме со организаторите Методија Баракоски, Димче Китрозоски и Јовица Каралиески.

Супер радио: Ви поминаа ли брзо овие 20 изданија на фестивалот „Распеано рибарче“? Верувавте ли на почетокот дека ќе прерасне во вистински бренд во градот?

Баракоски: Јас не бев од самиот почеток во организацијата на фестивалот, но бев учесник со свои композиции кои ги исполнуваа дечиња. Во организацијата се вклучив после 3-4 години, на покана на Коле Петкуќески, кој за жал веќе не е меѓу нас, директорот на фестивалот и иницијатор да се одржува овој фестивал. Успехот се должи на тоа што најдовме заеднички јазик и си ја поделивме работата, Коле ја обавуваше менаџерската работа, а јас бев задолжен за музичкиот дел. Работевме многу посветено, јас цел живот работам со деца, посветено работам и во КУД „Ѓердан“ и во „Здружението на музичари“, како автор на песнички и како организатор во студијата, односно помагање во аранжирањето на песните и подигнување на квалитетот на песните. Мислам дека таа поделеност на сегментите ни донесе успех во реализацијата на „Распеаното рибарче“ и подигнувањето на квалитетот од година во година, на задоволство на дечињата, родителите и публиката. Јас и понатаму ќе работам со дечиња, се` додека можам, додека ми мрдаат прстиве. Мојата функција е и педагошка, сакам сите тие дечиња преку музиката, пеењето, свирењето и танцот да стекнат музичка култура и да го одберат правиот пат во животот, без разлика која професија ќе ја одберат во иднина.

Супер радио: Колку дечиња и колку песни изминативе 20 години беа дел од сцената на „Распеаното рибарче“?

Баракоски: Многу сум горд на јубилејното 20-то издание кое беше празник на детската песна, дури и самиот не очекував толку големи овации и аплаузи од публиката. Морам да го споменам самиот основоположник на фестивалот Коле Петкуќески кој уште тогаш во 1998 година ја имаше визијата за фестивалот преку кој на сцената продефилираа над 1.500 дечиња, некои пееја, некои свиреа, некои танцува. Архивата на фестивалот вели дека низ сите овие години на фестивалот се изведени над 300 пенички. Се надевем дека како бренд со секоја наредна година „Распеаното рибарче“ ќе расте во се` поквалитетен и поквалитетен фестивал и дека ќе биде мотив за многу идни генерации да ја засакаат музиката.

Супер радио: Вие сте музички педагог и целата своја кариера ја имате посветено на најмладите таленти. Активни сте и понатаму, работите и творите неуморно. Може да Ве навратиме многу наназад, се сеќавате ли на Вашата прва песна што ја напишавте за „Распеано рибарче“?

Баракоски: Да, секако дека се сеќавам, тоа беше песната „Забоболка“ на поетесата од Прилеп, Мирческа. Ја исполни мојот внук кој тогаш имаше пет и пол години. Се сеќавам дека беше многу ефектна, остави многу силен впечаток, децата ја пееја на родендени и прослави. Потоа се разбира следеа уште многу други песни. Мојот внук пееше до четврто одделение, кога потпорасна не сакаше веќе да пее, но се редеа многу други дечиња со желба, ентузијазам и музички талент.

ribarcecorner1Супер радио: И Вам да Ве навратиме наназад на почетоците. Како композиторите и продуценти Јовица Каралиевски и Димче Китрозоски станаа дел од „Распено Рибарче“?

Каралиески: Јас сум дел од фестивалот од самите почетоци, уште од 1998-мата година. Тогаш бев релативно млад, фестивалот имаше прописен конкурс на кој испратив своја композиција која подоцна беше селектирана. Се сеќавам на таа композиција, а исполинителката Јована Бандилоска ја поканивме на јубилејното издание на фестивалот каде не потсети на тој прекрасен момент во нејзиниот, но и во нашиот живот.

Киторзоски: Јас како композитор и продуцент се приклучив една година подоцна во 1999 година. Се сеќавам на мојата прва песна на „Распеано рибарче“, тоа беше песната „Волшебно килимче“. Имам многу драги спомени, не само од првата песна на фестивалот, туку и од сите што се следеа во годините подоцна.

Супер радио: Колку овој фестивал помогна некои од  децата понатаму во животот да ја одберат музиката како своја професија или како свое хоби?

Киторозоски: Тешко би ми било во овој момент да се сетам на сите, но ќе се обидам да издвојам неколкумина. На јубилејното издание на фестивалот имавме т.н „ретро“ дел каде настапи Антонио Ристовски, сега дел од триото „Само Тони и две жени“. Од оние кои продолжија да се занимаваат со музика исто така своја песна на фестивалчето имаше и Симона Попоска, потоа Емилија Петровска, која извонредениот талент и за пеење и за свирење го покажа и на талент шоуто „Ohrid SUPERSTAR“ итн.

Супер радио: Може ли да се сетите кој е кумот, кој го „крсти“, кој му даде име на фестивалот „Распеано рибарче“?

Каралиески: „Кум“ на фестивалот е самиот основоположник и идеен творец на „Распеаното рибарче“, сега веќе покојниот Коле Петкуќески.

Супер радио: Добро е кога останува аудио и видео запис од самиот фестивал, Вие тоа го правите секоја година, веруваме и оваа година ќе биде така?

Киторозоски: Видео запис од самиот фестивал практикуваме уште од самиот почеток на фестивалот, така да и оваа година ќе има. Аудио материјалот е веќе подготвен, а во исчекување сме на монтажата и видео снимката, која многу набрзо ќе излезе.

bistrocorner1

Емисијата „Радио Корнер“ се емитува секој работен ден од 12:00 до 14:00 во живо од Бистро „Корнер“. Водител е Александра Алексијевска. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука