Барбутов: Учеството како студент и финалист на Светски форум за туризам беше голема чест

Охрид, 31. мај 2017 (ОХРИДПРЕС) – На петтиот Светски форум за туризам (WTFL 2017) под покровителство на Светската туристичка организација што се одржа овој месец во Луцерн, Швајцарија, Томе Барбутов кој е студент на 3-та година Туризам при Факултетот за туризам и угостителство, Охрид, успешно го одбрани својот истражувачки труд.

Трудот е на тема: Promotion of safety and security for sustainable tourism development in Republic of Macedonia“. Ова му овозможи да влезе во деветте финалисти на Млади таленти на Форумот, со најдобри научноистражувачки трудови за 2017 година.

Томе Барбутов, е роден во Струмица, има 21 година, и моментално е трета година на насоката Туризам на ФТУ. Овој млад и амбициозен студент, како иден туристички работник, се надева дека со континуирана работа и внесување на нови идеи, може туризмот да се доведе на повисоко ниво.

За неговите успеси на Светскиот форум за туризам, како и за визиите за развојот на туристичката дејност, разговараме во кратко интервју за Супер радио и OhridPress.

tomebarbutov2

Супер радио: Кој беше поттикот за да учествувате на форумот за туризам?

Барбутов: Можноста за запознавање на извршните директори на најголемите компании од туристичката индустрија, разменување на мислења во врска со проблемите со кои се соочува оваа индустрија со младите таленти и како би се решиле. Потоа проширување на хоризонтите во врска со туризмот и угостителството и неговата важност како една од првите три водечки индустрии во светот и воопшто самото учество на еден ваков настан од светски размери, беше главен поттик да бидам на Светскиот Форум за Туризам во Луцерн, Швајцарија.

tomebarbutov3

Супер радио: Светскиот форум за туризам кој е под покровителство на Светската туристичка организација, е значаен настан за сите оние кои се инволвирани во туристичката струка. Можете ли да дадете некои појаснувања за овој настан, за сите оние кои не се директно во тек со туризмот како сектор?

Барбутов: Светскиот Форум за Туризам претставува водечка интерактивна платформа во оваа индустрија. Извршните директори, министри, академци, економисти, млади претприемачи, следната генерација на извршни директори и младите таленти се среќаваат и заеднички учествуваат во градење на една силна заедница за решавање на идните предизвици во патувањето, туризмот и угостителството. Бидејќи туризмот е повеќе од едно обично патување. Туризмот претставува еден од најважните двигатели за развој на една земја или дестинација и се поврзува со многу други индустрии.

Супер радио: Што значи лично за Вас, да се претставува факултетот на еден ваков настан?

Барбутов: Претставувањето на Факултетот за туризам и угостителство во Охрид при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола лично ми претставува голема чест и задоволство. Знаејќи го фактот дека пристигнале околу 70 апликации од студенти од сите партнер-универзитети на Форумот, а само најдобрите 9 од нив беа поканети за учество, меѓу кои бев и јас, ми претставува голем поттик за понатамошно усовршување во туристичката индустрија. Исто така, сакам да напоменам дека во текот на целиот процес имав техничка поддршка од страна на Свисконтакт од Скопје. Голема благодарност до нив и секако до мојата професорка, проф. д-р. Иванка Нестороска.

tomebarbutovprezentacija

Супер радио: Дали можете накратко да дадете опис на Вашиот истражувачки труд?

Барбутов: Насловот на мојот истражувачки труд е „Промоција на безбедноста и сигурноста за одржлив развој на туризмот во Република Македонија“. Она што ме поттикна да ја одберам оваа тема беше бегалската криза во Европа од која што Република Македонија беше директно погодена. Имаше известувања по странските медиуми дека безбедноста и сигурноста во Македонија се влошени со што резултираше со откажување на резервации од страна на странски туристи. Резултатите од моето истражување покажуваат дека Македонија е релативно безбедна држава за посета и голем број од оние кои што веќе биле овде, планираат во иднина повторно да дојдат. Исто така треба да се поработи повеќе на промоција на Македонија како безбедна туристичка дестинација за привлекување на странски туристи бидејќи оние кои што сè уште не биле во Македонија, немаат никакви информации за туристичката понуда на Македонија или пак за безбедноста и сигурноста во земјата, што резултира со намален интерес за посета.

Супер радио: Според кои критериуми се одбираа финалистите на Млади таленти на Форумот?

Барбутов: Процесот за аплицирање за програмата Млади таленти се состоеше од 2 фази. Во првата фаза требаше да се испрати CV на англиски јазик, да се напише апстракт поврзан со темата и видео во времетраење од 1 минута. Во втората фаза беше пишувањето на истражувачкиот труд. Пред Нова Година бев известен дека сум избран за еден од деветте финалисти за учество на Форумот во програмата Млади таленти.

barbutovprezentacija

Супер радио: Како иден туристички работник, а веќе и со искуство во научно истражувачката дејност, на што мислите дека најмногу треба да се насочи конкретно Охрид, но и Македонија за развојот на туризмот?

Барбутов: Како што споменав погоре, Република Македонија треба да поработи повеќе на подобрување на сликата како сигурна и безбедна туристичка дестинација на меѓународно ниво, промоција на туристичката понуда и повеќе инвестиции во патната инфраструктура на земјата. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

scroll to top