Бартоли најави кам-бек на тениските терени

Париз, 21. декември 2017 (ОХРИДПРЕС) – Мерион Бартоли која го освои победничкиот пехар на терените на Вимблдон во 2013 година, објави, дека ќе се врати на тениските терени.

„Среќна сум што можам да го објавам моето враќање на ВТА турнирите. Тоа е огромен предизвик за мене бидејќи ми претстои уште многу вежбање. Се надевам дека ќе се вратам на теренот во средината на март за турнирот – „Мајами Опен “, соопшти 33-годишната француска тенисерка на социјалната мрежа „Инстаграм“.

Бартоли се повлече од тенисот само неколку месеци по освојувањето на титулата на Вимблдон. Неодамна таа работеше и како спортски коментатор за Евроспорт.Турнирот во Мајами ќе се одржи од 20 до 31 март во 2018 година.

Како што е познато, Бартоли долго време се опоравува од тешка болест предизвикана од вирусот кој Французинката го доби додека престојуваше во Индија. Бартоли во тој период изгуби 20 килограми од нејзината тежина. (Крај)

извор: Шеталиште фото: архива

scroll to top