јануари 28, 2020

Брисел, 28. јануари 2020 (ОХРИДПРЕС) – Белгиската компанија „Јонкерс“ специјализирана во преводи од март оваа година ќе им даде можност на своите вработени да земат неограничен платен одмор со цел да привлече висококвалификувани работници.

Компанијата „Јонкерс“ моментално има 172 вработени, секој од нив ќе мора да ги земе редовните 20 неработни денови годишно, по што ќе имаат право на онолку платен одмор колку што сакаат. Системот е веќе воведен во филијалата на компанијата во Чешка од јануари, а целта е системот да важи во сите десет земји каде што е присутна фирмата до јуни оваа година.

Директорот на фирмата, Гео Јансенс, смета дека ова е најдобар начин да се подобри благосостојбата на вработените, но и да се привлечат ретко и висококвалификувани профили посебно во делот на развојот на нов софтвер базиран врз вештачката интелигенција. Лицата специјализирани за оваа работа бараат до 400 илјади евра годишно.

– Не можеме да го следиме ритамот во платите, но можеме да привлечеме барани профили со тоа што ќе им понудиме човечки услови за работи – вели шефот на компанијата.

Компанијата бара преведувачи за речиси сите главни јазици во светот, корејски, јапонски, руски, германски, француски, турски, хебрејски, полски и многу други. Фирмата има филијали во Чешка, Италија, САД, Велика Британија, Виетнам, Јапонија, Словачка и Кина. (Крај)

извор: Плус инфо фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука