февруари 14, 2017

Охрид, 14. февруари 2017 (ОХРИДПРЕС) – Советникот Дејан Блажески денес излезе со реакција во врска со состојбата во која се наоѓа Охридското Езеро.

– Како советник во Советот на Општина Охрид чувствувам морална одговорност за состојбата во која се наоѓа Охридското Езеро. Ги повикувам сите колеги советници, без оглед на политичката припадност, да поведеме постапка за откривање на чинителите и лоцирање на одговорноста, како и да упатиме заедничко барање за поголема агилност од институциите на централно ниво задолжени за езерото, вели Блажески.

Тој предлага брзо откривање на виновниците и граѓанска непослушност кон компанијата и институциите што се одговорни за ваквата состојба, заедничка одлука на Советот на Општина Охрид, со што би ги блокирале сите барања од надлежните Министерства, до решавање на проблемот. Блажески ги повика сите „припадници на урбаната мафија која години гради и узурпира“, да ги потегне токму оние релации во институциите од кои  преку ноќ добиваат дозволи за градба – како сериозно засегнати од повлекувањето на езерото и губењето на вредноста на нивното  досегашно дивеење.

– Состојбата со езерото е над политиката и барам сите кои сме припадници на политичките партии да соработуваме во заштитата. Сметам дека е нужно да се радикализира пристапот, поради тоа што сите други обиди не вродија со плод. Од друга страна, граѓаните на Охрид е неопходно да извршат притисок до гореспоменатите со една единствена цел – ургентност во решавање на проблемот. За крај, ги поздравувам сите новинари кои непрекинато алармираат за состојбата и им препорачувам да ја насочат целата енергија за поголемо влијание врз свеста на институциите, вели во писмената реакција до медиумите Дејан Блажески, советник во Советот на Општина Охрид. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука