февруари 14, 2015

Охрид, 14. февруари 2015 (ИНПРЕС) – Надица Богданоска е вработена во продавницата за здрава исхрана „Биокосмос“ во Охрид. Во интервју за Супер радио и OhridPress вели најчести купувачи на здрава храна се младите кои следат преку интернет што е најквалитетно, а повозрасните пак, најчесто купуваат она што некој друг го конзумирал и им го препорачал.

– Органската храна вреди од десет до четириесет пати повеќе од конвенционалната храна. Таа има поголем процент на антиоксиданси, витамини и минерали во неа, вели Богданоска.

Супер радио: Какви се навиките кај охриѓани за поздрав живот? Колку тие купуваат здрава храна?

Богданоска: Навиките кај човекот многу тешко се променуваат. Знаете, треба да помине период за да се прифатат новите нешта, новите навики и начини на живот. Кај нашите сограѓани полека почнува да се подигнува свеста за значењето и потребата од користење на здрава храна и водење на здрав начин на живот. Впрочем, тоа го налагаат новите текови на живеењето, динамичниот живот што го живееме, загадувањето на околината и многу други нешта. Може да се рече дека луѓето умеат да ја препознаат и ја купуваат здравата храна.

Супер радио: Која популација најчесто купува здрава органска храна. Помладите или повозрасните?

Богданоска: Па и помладите и повозрасните ги има во голем број, но мислам дека помладата популација повеќе внимава да конзумира здрава органска храна. Сепак тие се најчести корисници на интернет каде што секојдневно светот е преплавен со огромен број информации и совети како да се одржи здравјето.

Малку поинаку е кај повозрасната популација. Кај нив, малку потешко се внесуваат нови производи во исхраната, односно како што и предходно спомнав тешко доаѓа до промена на нивните навики,освен ако е тоа неопходно за нивното здравје или ако слушнале добра препорака за некој производ којшто има огромна улога во сузбивањето на одреден здравствен проблем.

Супер радио: Ова значи дека граѓаните кои слушнале за некој производ, но не од рекламите на медиумите, туку од други луѓе кои претходно го конзумирале, се упорни да го набават тој производ?

Богданоска: Веќе споменав, младите следат на интернет кои се најквалитетните производи, а повозрасните најчесто бараат она што веќе друг им кажал дека е добро за нивното здравје.

biokosmos2

Супер радио: Што се подразбира под здрава органска храна?

Богданоска: Храна која се произведува по одредени производствени стандарди, и не е генетски модифицирана е органски здрава. Производството на здравата храна не подразбира на вештачки, неоргански пестициди, инсектициди и други вештачки адитиви.

Органската храна вреди од десет до четириесет пати повеќе од конвенционалната храна. Таа има поголем процент на антиоксиданси, витамини и минерали во неа. Дефинитивно, органската храна е многу повкусна и поздрава од конвенционалната.

Супер радио: Што најчесто се троши во вашата продавниза за здрава храна и кој производ е најбаран?

Богданоска: Од производите кои ги нудиме, голема потрошувачка имаме на нашето сопствено производство. Потоа тука исто така многу ни се трошат семињата, куркумата, ѓумбирот… гравиолата, пченичната трева – односно производите кои се за зајакнување на имунолошкиот систем, а и јаките антиоксиданси. Моментално најбаран производ ни е Маката, која помага за хормоналниот баланс на организмот, како кај жените, така и кај мажите.

Супер радио: Како успевате да ги привлечете потрошувачите да се ориентираат кон здравата исхрана?

Богданоска: Нашата активност е во тоа да му ги посочиме придобивките кои можат да ги добијат преку здравиот начин на исхрана. Секогаш оставаме на потрошувачите, крајниот нивни збор да го кажат според нивната проценка. Нивно е дали ќе прифатат или не. Има една поговорка која секогаш ја кажувам „Подобро е да спречиме, отколку да лечиме“, и тоа навистина е така во секојдневието на нашето живеење.

Супер радио: Колку производите што ги нудите можат да помогнат во враќањето на изгубеното здравје. Некое искуство?

Богданоска: Алтернативата е малку подолготрајна терапија за враќање на изгубеното здравје. Имаме многу искуства но би можела да ви набројам неколку. На пример, Маката – која предходно ја спомнав, помага при хормоналниот баланс кај човекот. Сокот од Аронија го подобрува имунететот, ја враќа изгубената енергија, добар е за луѓе кои имаат доживеано мозочен и срцев удар, добар антиоксиданс е и има уште многу други придобивки. Говедски желатин помага при болка во коските и зглобовите, тој е едноставен и ефикасен лек за подмачкување на зглобовите.

Има уште многу производи за чии својства можеме да зборуваме со денови и денови. Се што се нуди како здрава органска храна има широк дијапазон на благотворно делување кај здравјето на луѓето.

biokosmos3

Супер радио: Куркумата во последно време е најексплоатирана и најбарана. Таа се повеќе им се нуди на луѓето од страна на нутриционистите. Во што се состои нејзината магија?

Богданоска: Точно така. Куркумата претставува најмоќен магичен природен лек на денешницата. Таа има антибактериско, антивирусно, антиканцерогено својство, има цела низа на витамини и минерали, несварливи прехранбени влакна, а содржи и есенцијални омега 3 масни киселини.

Куркумата е погодна за дијабетичари зашто го намалува нивото на инсулин во крвта, потоа помага и кај кардиоваскуларниот систем намалувајќи го лошиот холестерол. Делува и при чистење на црниот дроб и крвта, против артритис и реума.

Супер радио: Вие сте одделенски наставник кој во моментов не работи по својата струка, туку во борбата за егзистенција засега работите во продавницата „Биокосмос“ во Охрид. Од искуството кога работевте како одделенски наставник, колку децата имаат здрави животни навики?

Богданоска: Па помина малку подолг период откако престанав да работам во образование, но во тој период додека бев, овој начин на исхрана не беше толку многу актуелен во нашата средина. И од искуството како родител, сметам дека дека здравите животни навики кај децата се уште се во мал процент, но за да прераснат во редовни животни навики, неопходна е поголема ангажираност на родителите, наставниците, на една цела спрега луѓе во општеството. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука