јануари 19, 2018

Охрид, 19. јануари 2018 (ОХРИДПРЕС) – Православните верници денес го одбележуваат еден од најголемите празници, Богојавление – Водици.

Според православниот календар и според верувањето на овој ден спасителот Исус Христос е крстен во водите на реката Јордан од Светецот Јован, кој оттогаш се нарекува Крстител. Симболично во сите места во Македонија се фрла крстот и се осветуваат водите. Познато е дека празникот се празнувал уште во вториот век од христијанската вера. Со овој празник завршуваа дванаесетте т.н. „некрстени денови”, а исто така се заокружуваат и зимските празнувања во кои спаѓаат и празнувањата поврзани со Бадник, Божик, Василица и други.

Според верувањето на Богојавление, на полноќ се отвора небото и се јавува Бог. Луѓето тогаш му се обраќаат на Господ со чисти мисли и со цел да им се исполнат желбите. Се вели, во тој миг и водите престануваат да течат и стануваат многу лековити. Во тој миг може да се налее вода која лечи од секакви болести, но истиот чин може да се направи и откако водата ќе се освети и покрсти.

Името на празникот Богојавление се заменува и со множина Богојавленија, што укажува на тоа дека за време на крштевањето на Исус Христос, Бог јасно и конечно се појавува како Света Троица, Отец, Син и Свет Дух.

Позади името Водици пак се крие од една страна големиот водосвет, што го извршува Црквата на овој ден, а од друга страна огромното значење кое водата го има за целокупниот опстанок на земјата. Големиот водосвет е симбол на обновувањето на нашата огрешена природа преку вода и Дух. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука