Босанците приредија големо изненадување на стартот на квалификациите за Мундобаскет 2019

Сараево, 25. ноември 2017 (ОХРИДПРЕС) – Босанските кошаркари го направија најголемото изненадување на стартот на квалификациите за Светското првенство што во 2019 година ќе се одржи во Кина.

Селекцијата на БиХ пред својата публика во Сараево, ја совлада Русија во меч од 1.коло на Е групата. Младиот Џанер Муса со 18 и искусниот Немања Гордиќ со 16 поени беа творци на оваа победа на босанската селекција со 81-76.

Вториот неочекуван резултат се случи на дуелот меѓу Холандија и Хрватска во кој на победата се радуваа домашните кошаркари.

Најнеизвесниот меч го одиграа Велика Британија и Грција во кој гостите до победата стигнаа по дополнителните пет минути.

Тешка гостинска победа оствари и Шпанија во Подгорица против Црна Гора, додека финалистите од последното ЕП, немаа проблеми. Европскиот шампион Словенија без најдобрите тријца кошаркари беше пресилен за Белорусија, а и вицепрвакот Србија славеше победа со 19 поени разлика против Австрија.

Комплетни резултати од 1.коло во квалификациите за СП:

Група А: Словенија – Белорусија 87-74 и Црна Гора – Шпанија 66-79
Група Б: Турција – Летонија 85-73 и Шведска – Украина 76-84
Група Ц: Полска – Унгарија 70-60 и Косово – Литванија 61-99
Група Д: Холандија – Хрватска 68-61 и Италија – Романија 75-70
Група Е: БиХ– Русија 81-76 и Белгија – Франција 59-70
Група Ф: Бугарија – Финска 80-82 и Чешка – Исланд 89-69
Група Г: Германија – Грузија 79-70 и Србија – Австрија 85-64
Група Х: Израел – Естонија 88-66 и Велика Британија – Грција 82-82 (по продолжение 92-94).

Утре и понеделник на програмата се дуелите од второто коло. (Крај)

извор: Плусинфо.мк фото: Фиба

scroll to top