март 16, 2017

Њујорк, 16. март 2017 (ОХРИДПРЕС) – Бројот на жени шефови на држави или влади паднал од 19 на 17 во последните две години, а напредокот на бројот на жените во парламентот продолжува да оди бавно.

Ова се најновите податоци, наведени во мапата „Жените во политиката“, која беше иницирана од Интерпарламентарната унија и Жените на ОН.

„Женските гласови се уште недостасуваат во извршните гранки на владите и парламентите во светот, одолговлекувајќи го постигнувањето на одржлив развој“, соопшти Агенцијата на Обединетите Нации, задолжена за поддршка на родовата рамноправност.

Според податоците на Унијата, глобалниот просек на жените во националните парламенти се зголемил од 22,6 отсто во 2015 година на 23,3 отсто во 2016 година, додека бројот на жени претседателки на Претставничкиот дом, сепак, е највисок досега, односно 53 од од 273 места.

Минатата година тој раст бил толку незначителен, така што со ова темпо ќе треба половина век за да се постигне парламентарна еднаквост меѓу мажите и жените, се вели во анализата на ОН.

Боливија и Руанда се единствените земји во светот во кои има повеќе пратенички од пратеници.
Позитивно е што продолжува зголемувањето на бројот на жените министри во владите воопшто.

Моментално во светот нивниот број изнесува вкупно 732, што е 18 отсто од министрите. Во Европа, вкупниот процент изнесуваше 22,5 отсто.

извор: МИА   фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука