декември 10, 2021

Скопје, 10. декември 2021 (ОХРИДПРЕС) – Светската здравствена организација (СЗО) во Македонија на Министерството за здравство му додели опрема за информатичка технологија, како поддршка за дигитализација на процесот на имунизација и подобрување на техничката инфраструктура на сите вакцинални пунктови низ државата, како дел од тековните напори за борба против пандемијата на COVID-19.

Набавката на опремата финансиски е помогната од Германија.

Опремата што ја добивме денес ќе биде од голема важност за забрзување на безбедното и делотворно одвивање на вакцинирањето со сите вакцини, вклучувајќи ги и вакцините против Ковид-19, како и за подобрување на пристапот до податоци кои спасуваат животи. Имунизацијата против COVID-19 и натаму останува критично важна за намалување на случаите на тешка форма на болест и смрт, вклучувајќи и против доминантниот Делта сој на вирусот, изјави министерот за здравство д-р Венко Филипче.

Д-р Жихан Тавила, претставничка на СЗО во Македонија, истакна дека давањето поддршка на Министерството за здравство за изградба на отпорен здравствен систем е еден од приоритетите на СЗО во Македонија.

Испораката на критично важна техничка опрема ќе го зголеми капацитетот на здравствениот систем за рутинско собирање здравствени податоци во реално време и за искористување на овие информации за ефективен одговор во континуираната битка против оваа пандемија и секоја друга болест што може да се спречи со вакцина. Тоа можеме да го постигнеме единствено со нашите партнери, и затоа во оваа прилика сакам да ѝ се заблагодарам на Германија за нејзините флексибилни придонеси за СЗО, особено во европскиот регион на СЗО, додаде д-р Тавила.

Можно е да е слика од 2 луѓе, седнати луѓе и внатре

Амбасадорката на Германија во Македонија, Анке Холштајн, изјави дека оваа опрема ќе значи поголема здравствена сигурност и ќе биде од корист за сите граѓани.

Можеме со сигурност да кажеме дека правичната и брза дистрибуција на вакцините ќе помогне во борбата не само против пандемијата на COVID-19. Многу сум среќна што Германија го обезбеди овој финансиски придонес за СЗО за дигитално подобрување на македонскиот здравствен систем, рече н.е. Холштајн.

Можно е да е слика од 2 луѓе, седнати луѓе и внатре

СЗО во Македонија континуирано ги поддржува националните здравствени власти во преземањето мерки за здравствена сигурност, особено за време на актуелната криза со COVID-19. Поддршката од СЗО е од исклучителна важност за: создавање мрежа за собирање информации и одговор на вонредни состојби од страна на системот за јавно здравје, во што влегуваат и лабораториите; изготвување и спроведување на национален план за вакцинација против COVID-19; создавање податоци засновани на докази за зајакнување на интервенциите; снабдување со опрема за управување со вакцини и одржување на ладниот ланец, како и континуирана обука за здравствени работници и вакцинатори; придонес кон вкупните рутински напори во делот на имунизацијата на национално ниво, информираат од министерството за здравство. (Крај)

извор: Скопско ехо фото: ФБ/Венко Филипче

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука