февруари 7, 2015

Охрид, 07. февруари 2015 (ОХРИДПРЕС) – Вежби за корективна гимнастика и правилно држење на телото за охридските основци ќе започнат на 15-ти овој месец.

Вежбите ќе се одржуваат во спортската сала од ОУ „Григор Прличев“, секој вторник од 19.30 – 20.30 часот и секоја недела од 19.00-20.00 и се наменети само за деца од споменатата возраст.

Во склоп на Пилот проектот за правилен раст и развој на децата од 6-8 години, во првото полугодие од учебната 2014/2015 кај учениците од основните училишта беа направени мерења за процена на постуралниот статус (држењето на телото), како и застапеност на девијациите во однос на него: искривување на ‘рбетот (кифоза, лордоза, сколиоза), Х и О нозе и рамни стапала.

За таа цел, користена беше метода на Наполеоне Волански, која опфаќа осум параметри за држење на телото: држење на главата, држење на рамениците, држење на лопатките, развиеност на градниот кош, отсапување на ‘рбетниот столб во фронтална рамнина, држење на предниот мевен ѕид, обликот на нозете и сводот на стапалото.

Во истражувањето, одобрено од Општина Охрид беа опфатени вкупно 1100 ученици од прво до трето одделение.

Добиените резултати укажуваат на висок процент на нарушеност на постуралниот статус кај учениците од прво до трето одделение.

– Лошото држење на телото во рана училишна возраст е показател на здравстен проблем кој може да премине во сериозно нарушување на коскениот систем доколку не се третира на време. Најголем стекнат причинител за неправилно држење на телото или телесен деформитет е физичката неактивност. Од таму се наметна потребата за организирање на часови со вежби за корективна гимнастика, вели проф. Кате Бујароска Анѓелеска.

Најалармантни се резултатите од параметрите кои укажуваат на лошо кифотично и лошо сколиотично држење, како и параметарот кој укажува на рамни стапала кај децата од оваа возраст.

– Корективната гимнастика претставува комплекс од физички вежби што се дозирани со одреден интензитет, вид и траење. Вежбите од програмата на корективна гимнастика имаат за цел да го спречат настанувањето на телесени деформитети и да обезбедат правилен раст и развој на детето или да корегираат и спречат понатамошна прогресија на телесниот деформитет, додава проф. Валентина Караѓуле. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука