април 7, 2018

Охрид, 7. април 2018 (ОХРИДПРЕС) – Православните верници денеска ја слават Велика сабота, ден на свештен трепет пред Христовото воскресение.

Вечерва се оди во црква каде што се носи црвено јајце. На полноќ верниците ќе го одбележат Христовото воскресение, кога почнува еден од најголемите христијански празници Велигден. На полноќ сите присутни со песната „Христос воскресе” трипати ја обиколуваат црквата. Во црква се останува за големата литургија, а потоа се причестуваат, се кршат со јајцата и се омрсуваат.

Од времето на страдањето на Господ Христос на крст на Голгота, секоја Велика сабота е исполнета со исчекување на благодатта на Неговото Воскресение.

Воскресната богослужба по повод големиот празник Велигден, во сите парохиски цркви во Охрид ќе започне во 23:30 часот.

На Велигден, верниците си подаруваат едни со други рака на помирување, со традиционалниот поздрав „Христос воскресе” и „Ваистина воскресе“. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука