јануари 15, 2024

Охрид, 15. јануари 2024 (ОХРИДПРЕС) – Зафатите поврзани со реконструкција на дворот на Гимназијата не се одвиваат со посакувана динамика, но се надевам дека што поскоро ќе продолжат, изјави за Супер радио и OhridPress Светлана Велкоска, директор на ОСУ „Св. Климент Охридски“.

Додава дека влажното време создава проблеми за механизацијата, земјата е каллива и било тешко да влезат багерите. Поставена била електрична инсталација, водоводната и хидрантната мрежа, а бил решен и проблемот со атмосферските води.

– Секој момент чекаме да продолжат работите, најверојатно тешко им е со багерите да влезат многу е калливо и пропаѓаат. Сега треба ова да се исчисти, изведувачите сакаат на здрава површина добро да се тампонира, бидејќи под асфалтот немаше тампон. Потоа ќе се асфалтира и бетонира. Пуштена е електрична инсталација, водоводната, ќе има фонтани чешми, ќе има 66 канделабри, во стилот на Гимназијата, како и оградата што е, ќе има игралиште околу него ќе има трибина, ќе биде затворено со мрежа и ќе биде мултифункционално, позади ќе има паркинг, ќе има патека за трчање, напред ќе има две отворени училници, лево и десно од влезот, со амфитеатрално седење. Ќе има клупи бетонски, а просторот ќе биде и хортикултурно уреден, потенцира Велкоска.

По ова, ќе следи реконструкција во внатрешноста на објектот, ѕидови, подови, ќе се промени дограмата внатрешна и надворешна, а ќе се реконструира и кровот, за што се обезбедени потребните дозволи. Велкоска вели дека овој голем проект ќе почне со реализација годинава, но не можеше да каже колку ќе трае, бидејќи не сакале да прекинат со наставниот процес.

– Тоа е еден голем проект со кој ќе почнеме годинава, но не можем да кажам колку ќе трае бидејќи не сакаме да прекинеме со настава. Дали ќе ротираме по училници, дали ќе се работи кат по кат зависно од работата ќе се одлучува дополнително. Само сакаме разбирање, побарав разбирање и од родителите и од децата и од колегите. Преку лето ќе се работи повеќе, но и ова време треба да се искористи, а тоа да не го почувствуваат учениците, додава Велкоска.

Со оглед на тоа што Гимназијата е заштитена како споменик на културата сите зафати, започнати и што ќе следуваат се со А лиценца, сите тендери се со А лиценца.

Во таа насока, од Завод и Музеј Охрид како и од Управата за заштита на културното наследство е дозволено Гимназијата да работи и како културен споменик во текот на цела година, ќе биде отворена за посетители, па ќе влезе и во туристичката мапа на Охрид.

– Направено е кратко видео, краток историјат, а во план е да биде изработена и монографија за гимназијата. По реконструкцијата практично целиот објект ќе биде во функција, вели Велкоска која додава дека покрај наставниот процес во објектот ќе може да се реализираат и изложби, мини концерти и промоции. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука