јануари 11, 2018

Охрид, 11. јануари 2018 (ОХРИДПРЕС) – Долгогодишен новинар, остро перо кое не чекаше „официјално соопштенија“ како многу други колеги, туку храбро влегуваше од тема во тема. Денес е на функцијата директор на „Охридско лето“, откако претходно долги години го печеше занаетот во оваа престижна културна манифестација.

За престојното издание на фестивалот „Охридско лето“ и новитетите кои ќе се понудат, но и за проектот „Охрид во 10“ на Супер радио, за кого токму Вренцовска напиша предговор, разговаравме во денешното издание на „Радио Корнер“ на Супер радио со Александра Алексијевска.

Супер радио: Како течат до сега подготовките за програмските активности за престојното „Охридско лето“?

Вренцовска: Приоритет во овој период е подготовката на следното фестивалско издание. Моментално се работи на селектирање на програмата. Морам да признам дека интересот за настап на фестивалот е огромен, секојдневно пристигнуваат бројни апликации од светски познати уметници и токму тоа ни дава за право да најавиме поуспешно и поатрактивно издание од претходното. Наша мисија е да се надмине она што е постигнато и секоја година фестивалот да се искачува скалило погоре. Секако дека покрај програмскиот дел се работи и на тековните активности, средби и преговори со соработници, спонзори, помагатели, амбасади, институции… Се` она што значи помош и поддршка на фестивалот. Во овој период се прават и бројни средби и контакти со делегации од целиот свет. Самиот податок дека „Охридско лето“ носи околу 1.000 уметници, актери, театарски работници, солисти, хористи, музичари… од сите земји во светот,  над 30.000 посетители, љубители на уметноста, кои доаѓаат да уживаат на врвните музички и театарски настани, е доволен показател дека треба многу да сработиме за успешно фестивалско издание. Тоа секако подразбира и активности за уредување на сцените. Долни Сарај веќе добива нов лик. Поставена е нова санитарна инсталација, нов енергетски систем, направени се комплетно нови гардероби за уметниците. Со помош на Министерството за култура настојуваме до почетокот на фестивалот да ја реновираме и самата сцена како и гледалиштето. Тоа е огромен зафат, но водејќи се од визијата дека „Охридско лето“ го заслужува најдоброто, си дадовме задача да успееме во тоа. Огромна е одговорноста, но и честа да се раководи една вака значајна установа. Горда сум што „Охридско лето“ има тим кој знае да се справи со сите предизвици. За нас е најважно да се гради брендот на институцијата, домаќинското работење и почитувањето на традицијата. Тоа ни дава поттик да продолжиме да ја градиме вредноста на ова светско собиралиште на врвни уметници.

Супер радио: На ниво на Македонија, минатата театарска сезона регистриран е пад од седум проценти кај театарската публика. Спротивно на тоа, во истиот период во Охрид се случува двојно зголемување на тетарската публика. На што се должи овој позитивен тренд и да очекуваме ли како и лани малку повеќе театар на престојното „Охридско лето“?

Вренцовска: На наше огромно задоволство, театарските претстави кои се оддржуваат на „Охридско лето“ изминативе години се навистина посетени. Можам слободно да кажам дека причина за тоа е квалитетот. Мене искрено ме радува што во последно време гледалиштето на сцената во Центарот за култура „Григор Прличев“ е преполно и за време на претставите на  охридскиот Народен театар. Со квалитетни претстави се прави и театарска публика но истовремено,  како што вели директорот на Центарот за култура „Григор Прличев“, Стрезо Стаматовски, Охрид прераснува во театарски град.

Супер радио: Доколку има потврда за гостување за некој од артистите, може ли да ни најавите бар некој од настаните? Што да очекуваме од престојното „Охридско лето“?

Вренцоска: До пред некоја година, работејќи од другата страна како новинар, и кај мене беше често поставувано прашање – кој уметник ќе настапи, со што ќе се отвори фестивалот… Но сега, од оваа страна морам да кажам дека е рано да се откриваат имиња. Тоа знаете по традиција го правиме на прес-конференција на месец-два пред почетокот. Сега можам да кажам само дека работиме посветено за да понудиме атрактивна, квалитетна и возбудлива програма. Свесни сме дека „Охридско лето“ е препознатлив белег на македонскиот културен идентитет и настојуваме да го понудиме најдоброто од светската и домашната уметничка сцена. Ќе внесиме свежина во програмата која верувам дека ќе биде препознаена од стручната јавност и од нашата верна публика. Искрено би сакала да изразам благодарност до сите оние кои ја граделе успешната историја на фестивалот, од уметници до соработници, до сите љубители на уметноста кои низ годините оставиле белег и се заслужни за успесите на „Охридско лето“ и секако до вас медиумите кои ни давате безрезервна подршка.

ohridvo101Супер радио: Како Ви се допадна идејата да ги видиме како што Вие велите „сите волшебства кои извираат од порите на овој древен град“ преку 365 кадри?

Вренцовска: Пред се` би сакала да изразам огромна чест и задоволство што ми беше дадена довербата да го напишам предговорот за ова уникатно дело, кое претставува сведоштво на убавините и светоста на Охрид. Да бидам повторно дел од екипата со која работев до пред некоја година. Искрено морам да признам дека бев изненадена од едноставноста на проектот наспроти неговото огромно значење, да се даде белег на секој ден од изминатава година притоа потенцирајќи ги главните дневни збиднувања. Проектот „Охрид во 10“ носи нешто ново и свежо, едно необично дело, возбудливо видување и интересна проекција која ја отсликува душата на градот. Како што стои во самиот предговор во книгата, која пред некој ден ја доживеа својата промоција, набљудувајќи ги фотографиите, сликани на сонце, снег, дожд.., и покрај различниот спектар на бои, секогаш не плени убавината Охридското Езеро со целата негова живописна површина. Да се гледа Охрид од една точка, која е исклучително препознатлива, претставува потврда дека тој е токму онаков каков што е – древен и прекрасен. Токму фотографиите го одразува епитетот на вистината – Охрид, вечниот град, волшебен рид но истовремено и културен, духовен и туристички центар на Македонија. Доловените моменти на фотографиите, направени во разни временски услови од една точка, ја потврдуват неговата безвременска убавина на град кој има своја препознатливост, свој белег и своја вредност.

Супер радио: Според Вас каков придонес дава, какво значење има проектот „Охрид во 10“?

Вренцовска: Проектот „Охрид во 10“ има огромно значење од аспект на промоција и дава посебен придонес за развој на градот и за нејговиот севкупен напредок и афирмација во Република Македонија и светот. Со овој проект Супер радио уште еднаш отвори нови вредности истакнувајќи ги квалитетите на Охрид, како град кој има безвремена убавина. Фото записот на „Охрид во 10“, каде се вткаени високите фотографски стандарди, несомнено дава придонес во збогатувањето на архивската ризницата на Охрид. Производ на кој сите со право треба да сме горди. Супер радио секогаш го препознава бенефитот од ваквите проекти со кои се остава трајна вредност за градот. Со одгомна одговорност го гради патот на успехот и токму затоа секогаш е на врвот во медиумскиот свет. Посакувам но, и знам дека ќе има уште многу вакви проекти во годините кои следат.

bistrocorner1Емисијата „Радио Корнер“ се емитува секој работен ден од 12:00 до 14:00 во живо од Бистро „Корнер“. Водител е Александра Алексијевска. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука