Охрид, 16. декември 2017 (ОХРИДПРЕС) – Скопските групи RIB и JUNE денес ќе одржат бесплатен концерт во Центарот на култура „Григор Прличев“.
Концертот ќе започне во 21:00 часот, а ќе се одржи на сцената „Керал“.
RIB се формирани во 2014 година во Скопје од музичари со искуство (членови на Denny te chuva, Bernays Propaganda) и зад себе имааат два албума: „Something Completely Different“ од 2015 година и „Bliss“ од 2017 и двата снимани во студиото „Алшар“, продуцирани од Ивица Јанкуловски. Моментално работат на третиот албум кој треба да излезе наредната година. Членови на групата се: Јане Трајковски – гитара и труба, Ивица Димитриевиќ – гитара, бас и вокали и Џано Куч – тапани.
Групата JUNE е формирана во 2010 година и за кратко време остава значаен белег на македонската музичка сцена. Со песните од нивните албуми „Someday soon“ од 2012 година, „Indian Summer“ од 2014-та и „Living For The Weekend“, настапуваат на сите позначајни фестивали во регионот како Таксират (заедно со Nouvelle Vague), EXIT, Sziget, Vienna Waves Festival… Членови на JUNE се: Бојана Низамовска – вокал, гитара, Филип Арсов – вокал, гитара, Данчо Поповски – бас гитара, Јане Трајковски – гитара, труба и Анте Гулин – тапани. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива