март 15, 2020

Скопје, 15. март 2020 (ОХРИДПРЕС) – Македонската Влада му препорача на Јавното обвинителство итно и приоритетно да постапува по предметите што се во врска со одлуките и мерките за спречување на Корона вирусот.

Исто така е издадена препорака до сите работодавачи таму каде што е можно да се организира работа од дома, а на затворените копнени гранични премини се дозволува исклучиво премин на товарни возила.

– Како дополнување на заклучоците и препораките од 19-тата седница, Владата на Република Македонија упатува препорака до Јавното обвинителство на Република Македонија да даде упатства и препораки за итно и приоритетно постапување на сите јавни обвинителства во државата во постапките процесуирани од страна на надлежните институции во врска со донесените одлуки, мерки и препораки од страна на Владата на Република Македонија, и другите надлежни државни институции. Владата им препорачува на сите работодавачи во Република Македонија, односно на секое раководно лице во институциите, во зависност од типот на работата и можностите, да ја организира работата и начинот на работата на вработените лица преку работа од дома, без да се наруши редовното и нормалното функционирање на институцијата. На оваа седница Владата донесе Одлука за изменување и дополнување на Одлуката за мерки за спречување на внесување и ширење на коронавирусот со која се затворааат сите копнени гранични премини во Република Македонија за премин на патници и возила, освен граничните премини „Табановце“, „Деве Баир“, „Ќафасан“, „Богородица“ и „Блаце“. На граничните премини кои се затворени за премин на патници и возила, се дозволува исклучиво премин на товарни возила, информираат од Владата. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука