декември 15, 2021

Скопје, 15. декември 2021 (ОХРИДПРЕС) – Владата ќе набави 500.000 антиковид вакцини од производителот „Фајзер“ за 2022 година, во кои ќе бидат вклучени и 10.000 педијатриски дози за децата на возраст од 5 до 12 години. 

Согласно информацијата дозите за возрасните да почнат да се испорачуваат од месец мај, а педијатриските дози во првото тромесечје на 2022 година, а вкупната количина треба да се испорача до декември 2022 година.

Од Владата соопштија дека набавката на оваа количина вакцини против COVID-19 за 2022 година е заради заштита на јавното здравје и за рестартирање на економијата како јавен интерес.

Според последните информации, во државата е вакцинирано 48 отсто од полнолетното население. Надлежните и понатаму апелираат за помасовна вакцинација, во насока на стекнување колективен имунитет и спречување на ширењето на мутации на коронавирусот. Во Македонија сè уште не е регистриран случај на заразен со омикрон и натаму е доминантна делта варијантата.

Во последниот извештај на министерството за здравство направени 3.162 тестирања, при што се регистрирани 353 нови случаи на COVID-19. Регистрирани беа и 450 оздравени пациенти, како и вкупно 14 починати, од кои 10 лица од изминатото деноноќие, а четири преку системот „Мој термин” во период од 19.11-07.12.2021 година. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука