октомври 23, 2014

Не можеме да го разбереме фактот дека партијата која осум години го пустошеше градот, партијата која им ја одзеде иднината на младите и партијата која во секоја гледна точка го уништи Охрид, се дрзна да зборува за иселувањето на младите и економската стагнација на градот, реагираат од ОК на ВМРО-ДПМНЕ на изнесеното во денешниот допис до медиумите од ОО на СДСМ од Охрид.

– Потсетуваме на неколку официјални статистички податоци кои говорат дека иселувањето во Охрид се намалува. Ако во 2011 година се иселиле 1.069 охриѓани, а во 2012 година 1.296, во 2013 година благодарение на довербата што охриѓани ја имаат кон ВМРО-ДПМНЕ бројот на иселени лица е само 766. Ова е доволна потврда за вербата што охриѓани ја имаат кон локалното раководство на ВМРО-ДПМНЕ и проектите кои се во насока на намалување на иселувањето на охриѓани. Во таа насока се и заложбите и проектите за стопанско заживување на Охрид. За прв пат по 24 години, во Охрид и охридскиот регион се вработуваат луѓе, стои во дописот до медиумите од ОК на ВМРО-ДПМНЕ од каде тврдат дека во Охрид започнал „нов период на стопански препород“.

Почетокот со работа на автомобилскиот гигант „ОДВ-Електрик“ како и најавите за уште неколку странски инвестиции ветуваат многу, додаваат од партијата.

– Се прави многу и во сферата на туризмот. Новите туристички капацитети кои ќе се градат во Охрид отвораат нови работни места. Бараме од СДСМ да им се извинат на охриѓани затоа што со самото тоа што ги оспоруваат средствата од   Светска Банка со кои општината ќе реализира 9 крупни капитални проекти, пред се од областа на инфраструктурата, ги навредува токму нив, стои во дописот до медиумите од ОК на ВМРО-ДПМНЕ од Охрид.

Супер радио/ВМРО-ДПМНЕ Охрид

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука