Охрид, 29. декември 2017 (ОХРИДПРЕС) – СДС наместо живот за сите донесе беда за сите. Се бркаат луѓе од работа само затоа што се политички неистомисленици, порачаа на денешната прес конференција од ОК на ВМРО-ДПМНЕ од Охрид.
– СДС без работа остави над 50-тина стручни и обучени наставници и стручни соработници со решение на неопределено работно време, во образовните институции во Охрид. Тоа се бремени жени, самохрани мајки, млади, луѓе со фамилии, на голем дел од нив тоа им е основен извор на приход, плата од која ја прехрануваат целата фамилија. Ова ли е еднаквоста и солидарноста? Ова ли е еднаквост за сите и непартизираното општество кое го ветуваа? Ова е класичен политички реваншизам. Единствената задача на довчерашните партиски потрчковци и шарачи на институции од СДС, а сега незаконски поставени директори, е да ги шиканираат, малтретираат и заплашуваат оние што не мислат како СДС. Целосното неоправдано отстранување од воспитно-образовниот процес е по принципот на субјективно партиско размислување и пресметка со политичките опоненти и неистомисленици иако за сите нив УО-и се изјаснале со позитивно мислење. Предизборните ветувања на градоначалникот Јован Стојаноски, дека кон вработените во администрацијата и јавните претпријатија нема да има никаков реваншизам, беа чист популизам. ВМРО-ДПМНЕ ги повикува Државниот просветен инспекторат и Синдикатот на просветни работници да ги заштитат наставниците додека пак Директорите веднаш да ги отповикаат овие несфатливи и крајно реваншистички одлуки за кои ќе сносат одговорност. ВМРО-ДПМНЕ на секој легален начин ќе се спротивстави на ваквите појави, стои во дописот до медиумите.
Од партијата додаваат дека со преземањето на Локалната власт, обесправените и оштетени просветни работници кoи се жртви на овој режим предводен од хунтата ќе бидат вратени на работа. (Крај)
извор: ВМРО-ДПМНЕ фото: архива