август 7, 2023

Охрид, 7. август 2023 (ОХРИДПРЕС) – Нивото на водата во Охридското Езеро е значително над просекот за овој период од годината.

Според последните мерења на Управата за хидрометеоролошки работи на Република Македонија (УХМР), водата е на кота од 693,53 м.н.в, што е за 7 сантиметри над просекот за август (693,46 м.н.в), односно 43 сантиметри над дозволениот минимум (693,10 м.н.в).

Иако врнежите од дожд викендов ја намалија температурата на воздухот, сепак онаа на езерската вода е пријатна за капење и рекреација и изнесува 24,5 степени, што е за степен повисока од просечната.

Во Охрид денес сончево и посвежо време со мала до умерена облачност. Ќе дува повремено засилен ветер од западен правец. UV индексот ќе биде 8, а максималната температура ќе се искачи до 27. степени.

– Следува период на стабилно и посвежо време со пониски утрински температури. Утре ќе дува умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Од среда дневните температури ќе бидат во постепен пораст, информираат од УХМР. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес/УХМР

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука