февруари 9, 2015

Струга/Дебар, 9. февруари 2015 (ОХРИДПРЕС) – Патничко моторно возило марка „Ауди А-4“ со струшки регистарски таблици вчера во 14 часот и 30 минути било забележано во близина на автобуската станица во Дебар.

Возилото е во сопственост на Уран Купа од струшкото село Велешта и било забележано од полициски службеници. Возилото било заклучено.

По обезбедување на резервниот клуч и по добиени насоки од јавниот обвинител, извршен е криминалистичко-технички увид при што во внатрешноста на возилото забележани се одредени предмети и повеќе траги од биолошко потекло.

Целокупниот пронајден материјал ќе биде предаден на вештачење во Министерството за внатрешни работи во Скопје.

Неговото семејство вчера упати апел до сите граѓани кои можат да помогнат во пронаоѓањето на 27-годишниот Уран.

– Немаме никаква информација каде би можел да биде. Исчезна на 6-ти февруари, а последен контакт со семејството оствари истиот ден околу 19:00 часот. Последен пат е виден во Струга, информираат од неговото семејство од каде испраќаат апел до сите граѓани, кои имаат информации во врска со неговото исчезнување да се јаваат на телефонскиот број 072/747-400 или во најблиската Полициска станица (192). (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука