март 8, 2018

Охрид, 8. март 2018 (ОХРИДПРЕС) – Резултатите од редовната контрола на квалитетот на водата за пиење во дел од селските водоводи во општина Охрид покажаа дека истата во дел од нив не е безбедна за пиење.

– Станува збор за селата Свиништа, Завој, Куратица, Опеница и Косел каде водата за пиење од системот за водоснабдување е без дезинфекционо средство и со матност поголема од законски пропишаната вредност. Според тоа водата за пиење системот за водоснабдување од горенаведените села не е здравствено безбедна за пиење, информираат од Центарот за јавно здравје од Охрид.

Од центарот апелираат до жителите во овие села да избегнуваат користење на ваквата вода за пиење, а до надлежните кои стопанисуваат со водоводите да преземат соодветни мерки за надминување на проблемот и обезбедат здравствено безбедна вода за пиење.

– Редовно ќе ја следи состојбата и навремено ќе информираме за квалитетот на водата за пиење во горенаведените села. Резултатите од анализата се испратени и до инспекторите на Агенцијата за храна и ветеринарство во Охрид за натамошно постапување, додаваат од охридскиот Центар за јавно здравје. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука